Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ е отворена етно изложба со наслов „Жената корен на традицијата“.
Изложбата ја организира Центарот во соработка со изработувачи на ракотворби по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март со цел да се промовира и афирмира македонското нацинално богаство.
– Жената отсекогаш била корен на традицијата, на општеството. Преку етно изложбата го афирмираме нашето национално богатсво. Особено е наменета за помладата популација која во ерата на дигитализацијата недоволно го познава доволно нашето богатство, изјави Оливера Трајковска, координатор на изложбата.
Кутии за накит со елементи на традиционален македонски вез, филигран и слики, облека изработена со вез и филц, производи обвиткани со слама беа дел од ракотворбите кои денеска беа изложени во центарот за култура.
– Овие изработувачи се наши амбасадори, бидејќи ги зачувуваат традиционалните везови, користат природни материјали. Се надеваме дека изложбата ќе стане традиционална, изјави Трајковска.
Билјана Шуковска презентираше предмети обвикткани со р’жана слама, за која рече дека како материјал се потешко се наоѓа во македонските села, бидејќи и помалку се сади. Објасни дека процесот на обработка е тежок и бара трпение.
Елена Мехмети презентираше облека изработена од природни материјали навезена со етно везови и нагласи дека доработката се прави рачно со такананречената чикме техника.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.