| четврток, 6 декември 2018 |

Кумановскиот театар најави богата театарска сезона, започнуваат со “Ревизор”

Во Театарот во Куманово  започна со првата читачка проба за третата премиера предвидена за оваа година. Станува збор за текст на Гогољ „Ревизор“ во режија на Андреј Цветановски.

Освен актерите од кумановскиот театар: Горан Илиќ, Кети Дончевска Илиќ, Александра Михајловска, Мартин Лазаревски, Мирослав Петковиќ, Владо Дојчиновски и Марко Трајковиќ, во проектот се ангажирани и четворица актери – студенти; тројца од Куманово: Мартин Манев, Милош Стојковиќ и Никола Наковски и, еден актер – студент од Струмица Горан Ников.

Останатата екипа ја сочинуваат: Сергеј Светозарев како сценограф, Александар Рашковиќ како костимограф и Димитар Андоновски како композитор. Премиерата на „Ревизор“ се очекува на крајот на месецот април.

Оваа година во Театарот веќе беше реализирана премиерата за претставата на албански јазик „Револвер“ во режија на Нехат Мемети, а на македонски јазик од пред недела дена се подготвува претставата за деца „Волшебникот од Оз“ во режија на Бојана Краљевска.

До крајот на годината се очекува да се реализираат уште минимум четири проекти, односно две претстави на албански и една на македонски јазик за возрасни поддржани од Министерството за култура, и уште една претстава на македонски за најмладите.

– Оваа година нема да допуштиме да останеме без новогодишна претстава!, вели Симона Тоскиќ, продуцент и драматург во НУЦК „Трајко Прокопиев“,Театар – Куманово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top