Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи петтото рочиште за судскиот процес „Диво Насеље“. Рочиштето требаше да се одржи на 2 март, но беше одложено поради немање услови за одржување на главната расправа во Судот.
Тројца од адвокатите на обвинетите тогаш ја напуштија судницата, поради, како што наведоа, лошите услови во кои се одвива судењето. Адвокатите се казнети со по 1.200 евра поради нарушување на редот во судницата и оневозможување на услови за одржување на главна расправа.
Адвокатите бараа да се исполни основното начело на фер, правично и јавно судење, односно на секој бранител да му се овозможи да седи до обвинетиот што го застапува, присуство на најмалку по еден од роднините на обвинетите, како и присуство на новинарите.
Првите две рочиште за случајот „Диво Насеље“ во кој се обвинети 29 лица се товарат за тероризам и учество во терористичка организација се одржаа во големата сала Врховниот суд.
Скопскиот Кривичен суд ги демантираше тврдењата на дел од адвокатите во судскиот процес „Диво Насеље“ дека судот не обезбедува услови за водење на постапката.
– Бидејќи Врховниот суд го одби нашето барање за користење на големата сала на овој суд, главната расправа се одржува во големата судница на нашиот суд каде што се обезбедени сите неопходни услови согласно со Законот за кривична постапка за водење на процесот – велат од Судот.
На судењето, како што се наведуваше во соопштението, освен обвинетите и нивните бранители, како и лицата задолжени за спровод и за обезбедување, во судницата биле присутни и претставници на мисијата на ОБСЕ и на Косовската амбасада.
-Дополнително, заради транспарентно и непристрасно следење и пренесување на случувањата во судницата, судот обезбеди видеоконференција од судењето за медиумите, во библиотеката на судот каде што присуствуваа 23 новинари од различни медиуми, како и претставници на Хелсиншкиот комитет и Коалицијата – Сите за правично судење – се додава во соопштението. И покрај ваквата состојба, како што посочија од Кривичниот суд, во судницата биле обезбедени дополнителни 10 до 15 места предвидени за роднините на обвинетите кои побарале присуство како јавност.
На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Диво Насеље вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.