Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ е отворена етноизложба со наслов „Жената – корен на традицијата“.
Изложбата ја организира Центарот во соработка со изработувачи на ракотворби во пресрет на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, со цел да се промовира и да се афирмира македонското национално богатство.
– Жената отсекогаш била корен на традицијата, на општеството. Преку етноизложбата го афирмираме нашето национално богатство. Особено е наменета за помладата популација која во ерата на дигитализацијата недоволно го познава нашето богатство – изјави Оливера Трајковска, координатор на изложбата.
Кутии за накит со елементи на традиционален македонски вез, филигран и слики, облека изработена со вез и филц, производи обвиткани со слама беа дел од ракотворбите кои денеска беа изложени во центарот за култура.
– Овие изработувачи се наши амбасадори бидејќи ги зачувуваат традиционалните везови, користат природни материјали. Се надеваме дека изложбата ќе стане традиционална – изјави Трајковска.
Билјана Шуковска презентираше предмети обвикткани со ржана слама, за која рече дека како материјал сѐ потешко се наоѓа во македонските села бидејќи и помалку се сади. Објасни дека процесот на обработка е тежок и бара трпение.
Елена Мехмети презентираше облека изработена од природни материјали навезена со етновезови и нагласи дека доработката се прави рачно, со такананречената чикме техника.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.