| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирана книгата „Политички коректна поезија“ на Елена Пренџова

Во НУУБ „Гоце Делчев“ во Штип се оддржа промоција на книгата „Политички коректна поезија“ и претставување на Елена Пренџова. Промотори и претставувачи беа Трајче Кацаров и директорката на библиотеката, Милена Ристова-Михајловска.

Промоцијата привлече внимание кај помладата популација, кај средношколците, имајќи предвид дека поезијата содржана во книгата својата инспирација ја црпи од секојдневјето, без при тоа да се замижува на појавите и на процесите:

– Не се излажав кога овој наслов го ставив во меморија помеѓу насловите на големите дела затоа што се јавува како една сцена која нѐ убедува дека поезијата има вечност поради тоа што се кали отсекогаш со тегав леб. Со оваа стихозбирка Пренџова го ослободува стихот од секакви сентменталности и интимистичка исповед и го доведува до позиција на парола – истакна промоторот Кацаров.

За Ристова-Михајловска, авторката Пренџова не е само пријателка и колешка со која се знаат од 2003 година, туку прогресивна личност која е дел од уредувачкиот тим на антологијата на жените-поетеси:

– Се знаеме од 2003 година, кога книжевноста нѐ спои и никако да нѐ раздели… таа е напредна, прогесивна во секоја смисла. Кога ја претставувавме како дел од поеетесите кои се дел од оваа манифестација, напишавме дека е и слемерка. За оние што не знаат, тоа е поетски жанр кој датира од 1985 година, а се појави во Чикаго…

prendzova

Елена е родена 1985, но ете, таа е многу успешна со овој жанр. Тоа е искажување на стихови наизуст, напамет, со драматичност и од тоа искажување на поезијата напамет има некое натпреварување со одредени награди. Таа слем поезија Елена ја направи препознатлива во Македонија за што е добитник на меѓународни награди. Но, она што за мене е посебно важно е што таа има голем уредувачки удел во антологијата на поезијата на жени поетеси во Македонија, кое е едно многу важно дело.

Пренџова им се заблагодари на присутните, на организаторот и на убавите зборови и ги почести присутните во библиотеката со читање на дел од поезијата од нејзината книга „Политички коректна поезија“ што беше проследено со бурен аплауз. Инаку. промоцијата беше дел од „Осмомартовските денови“ на НУУБ „Гоце Делчев“ по повод месецот на жената.

Според програмата утре е овозможено бесплатно членство за сите девојки и жени, а првите осум ќе добијат и награди книги.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top