| четврток, 6 декември 2018 |

ИЗБОР

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Адрапо Спараи

Понекогаш се чудам на преференците на одредени групации од овој народ. Посебно оние негови претставници населени во центарот на градот Скопје. Ова писание некако не е во пропагандна функција, та изборите веќе поминаа и, токму затоа дури сега го објавувам ова, откако сѐ веќе се реши, а останува само голата фактографија да сведочи за одреден број карактери кои го детерминираа изборот за градоначалник на општина Центар.

Фрапантен е изборот на човек кој, според сите свои некомпетентности, успеа да седне на тронот, а оној другиот, и покрај сите свои усилби и дела, остана надвор од трката. Да се работи за некаква екстраординарна харизма на победникот и да имам некакво објаснување, но вака, со овој кандидат неспособен за каква било конструктивна акција, дела или валидна програма, просто се чудам на кој план и со кои магични средства овој ситен, а можеби и не толку ситен, политикантски профитер ја освои градоначалничката титула и сега ќе ги ремети сите обиди на работливите и конструктивни елементи во политиката да сторат уште нешто добро и убаво за оваа општина. Пред сѐ за центарот на градот, кој е секогаш репрезент на цивилизацискиот статус на една култура.

Од инает, тоа ли е? Да се казни вредниот и скромен работник кој од едно бедно и запуштено место создаде, секако со помош на централната власт, вистинска метропола. Можеби станаа нервозни поради бројните градежнички активности невидени во овој дел на градот во последниве неколку декади. Можеби оваа интензивна активност на градежниците, архитектите и уметниците им станаа иритирачка и вознемирувачка, па поитаа да го дадат својот глас за кандидатот без волја и проекти. Едноставно да одморат, сѐ да запре, а тие да се вратат кон својот малограѓански мир. Тие на центарот на главниот град гледаат како на некакво предградие, мирно и тивко, во кој сонот царува насекаде, а тие мирно го густираат својот лишен од врева и стресови живот. Но, од друга страна, ги гледам сите овие незадоволници како го величат ексклузивниот дел од градот во кој живеат, а себе, пак, се гледаат како елита.

Да се живее во општина Центар е како да се живее во најпрестижниот дел на градот и државата – тоа е нивниот горд восклик, а сите други велат дека тие биле недоветни граѓани, сељаци и примитивци на кои ќе им требаат уште многу десетлетија урбана и културна еволуција за да го приближат своето цивилизациско ниво до оваа елитна групација населена во централниот дел на градот.

И оваа малограѓанска дискриминација врз мнозинството граѓани на оваа преубава и страдалничка земја, која сѐ уште се бори за својата потполна рамноправност во рамките на меѓународното братство од држави, да победи на избори во кои секој рационален и добронамерен граѓанин би требало да го знае резултатот однапред. Но, не тука, во центарот на Скопје населен претежно со вообразени и каприциозни малограѓани. А, овој тажен епилог има своја увертира која трае со години. Пред сѐ, тука се сите оние профитери и политиканти од времето на транзицијата, нивните фамилии и должници. Кога профитирате од криминалните активности на одредена група политиканти, и вие станувате соучесници.

Така добриот човек, кој своето богатство го почна од „нула“ со огромен труд, позитивна визија и коректен и хуман однос токму кон овој дел од граѓанството, беше понижен и отфрлен од мнозинството збеснати и егоистични толпи љубители на идиотската идеологија на транзициските хохштаплери. Нивниот вкус втемелен врз немузикалните хорови што пропагираа уривање и цинизам е нивното загарантирано културно ниво. Бесните кучиња на опозициската псевдоинтелектуална фрустрација тука успеаа да им ги заведат мизерните души исполнети со омраза. И еве сега уживајте во вашата идеолошко-политичка бара. Сега гледајте како ќе згасне растежот на вашата општина, а само цените за паркингот ќе се разгорат. Еве ви шанса да го зголемите сомнителното транзициско богатство на вашиот возљубен претставник.

Затоа велам, доволно беше инвестирањето во овие разгалени и неблагодарни граѓани, кои во својата злобна критика ги загубија релациите со конструктивната и продуктивната реалност. Време е да се инвестира во другите делови од градот каде што има разум и добра волја од страна на жителите. Ајде да направиме проекти кои ќе создадат уште погламурозни урбано архитектонски содржини засенувајќи ги оние на општина Центар. Овој град е веќе доволно голем за да го надмине нивото на само еден центар, да го надмине мизерното ниво на феноменот „сретсело“. Ѓорче, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Чаир се места што можат да создадат свои урбани згуснувања и гламур и да го засенат Центар со архитектонската убавина.

*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top