Во галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка вечерва, први март, ќе биде отворена изложба на фотографии од Катја Штркова со наслов „Во текстури”.
Проектот се состои од 40 фотографии во црно бела техника, снимени во изминатите три години, кои вклучуваат субјект и архитектура од еден град.
– Фотографиите се игра на сенки и форми, снимени во обичното „живеење” на градот во својата големина, со која фотографиите добиваат визуелно-графичка нота. Во поголемиот дел од делата, човекот т.е. субјектот има споредна, но истовремено и клучна улога, наспроти архитектонскиот елемент и композицијата во која е снимен. Темата се третира како т.н. соработка со објектот и човекот со својата форма и физикус, или спонтаната улога на човекот во шемата / текстурите на еден град, се вели во соопштението за изложбата.
Поднаслов на изложбата е „Јас и градот”, каде „ЈАС” е секоја единка во општеството, а истовремено е портрет на самиот автор и неговото видување на една средина.
„Градот” при тоа е секое урбано место, затоа освен Скопје, има фотографии во кои им е доделена улога и на Велес, Ровињ, Пореч, Белград и др. Фотографиите, се наведува, не се пејсажни и не откриваат точна информација за кој град станува збор, главниот детал се дезените, формите и човекот кој помага не/намерно да се оформи композиција.
Ова е прво самостојно концепт претставување на авторот со дела од жанрот на уличната фотографија, а второ самостојно изложување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.