Една од најпрецизните и најконцизни дефиниции за „пародијата“ е – состојба на тотален недостиг на достоинство.
Таков еден пародичен момент во нашава современа политичка стварност е појавувањето на американскиот амбасадор пред Владата на Република Македонија, од каде што на медиумите и на нацијата им соопшти дека немало услови за одржување „кредибилни избори“…
Само прилично неталентиран, а, кон тоа, и недоветен дипломат може да си дозоволи ваков невешт потег, потег, за кој во дипломатиите на силните држави се губи секаков кредибилитет кај претпоставените, а понекогаш, и позицијата.
Еве, зошто:
Како прво, со ваквиот мизансцен и констелација, во контекстот на симболичкиот систем на суптилните политички пораки, но и перцепции од страна на конкурентските сили, ваквиот помпезен настап ги навредува принципите на луѓето на високите позиции во дипломатската хиерархија. Тука имаме еден невешт слон (или, ако сакате, шимпанзо) во порцеланска работилница, кој, место да се претставува себеси, дејствува како политички егзибиционист од најдолна категорија, приграбувајќи го контекстот на моќта за себе, а не ја лоцира таму од каде што ја добива, а тоа е народот на САД или, ако сакате, од американската држава. Ваквото солирање создава проблеми во Стејт департментот затоа што овој самоназначен гувернер ја компромитира американската надворешна политика и ја претставува како насилничка, недоветна, анахрона и ги враќа опсерваторите и заинтересираните страни во еден колонијален амбиент од времињата, кои веќе се одамна поминати.
Потоа создава анимозитет кај домицилниот народ, а таа негативна колективна емоција не оди само на негова сметка, туку и на сметката на државата, која ја претставува.
Така тој ги загрозува односите на Република Македонија и САД, и тоа во времиња, кога имаме едно радикално преуредување на глобалниот геополитички простор. Со тоа, САД ризикуваат да се најдат на жежок терен, а нивната политичка волја да биде во голема мера дискредитирана. Ваквото однесување на амбасадорот носи голем ризик за можна ескалација на војна, која, овој пат, тие не ќе можат да ја менаџираат така, како што го правеа тоа во 2001 година. Оваа слабост на поранешната суперсила не е поради фанатизмот и воениот потенцијал на Македонците. Повеќе ќе алудирам на фактот дека „мечката“ е во близина, а тие се далеку од дома – мислам на американските воени сили.
Да се потсетиме на големиот државник, Ото фон Бизмарк, кој вели: „Кој ја контролира Вардарската долина (Македонија), тој го контролира Балканот.“
Тоа значи дека при радикална дестабилизација на Македонија, ескалацијата на конфликтот може да вроди со епилог, по кој САД ја губат Македонија, а потоа и Балканот.
Понатаму, ова помпезно солирање на амбасадорот на САД во Македонија им праќа порака на конкурентите дека поранешната велесила (единствена за цели 20 години во светот) е во голема криза. Секој интелигентен политички аналитичар би заклучил дека вакво очајничко демонстрирање сила на еден обичен амбасадор пред Владата на една суверена држава (макар и на хартија), е знак, дека недостига самоувереност и спокојство, кое доаѓа од процената на моќта и на нејзиното распоредување на теренот, а и прилично лошите позиции на САД и нејзиното влијание во регионов последниве години.
Потоа, амбасадорот на САД во Македонија не успеа да го скрие тивкиот конфликт со ЕУ, кој полека, но сигурно, ескалира. Причините за ваквите негативни сценарија меѓу САД и ЕУ се многубројни, но поводот, за сигурно, е во бегалската криза и контрапродуктивното дејствување на САД околу решавањето на овој геостратегиски и хуманитарен проблем, кој сукцесивно води кон катастрофа.
ЕУ би сакала добро и синхронизирано контролирање на маршрутата на бегалците, и тоа со стабилни влади и држави, низ кои патуваат овие несреќници.
Потоа, амбасадорот на флагрантен и нималку суптилен начин покажува асоцијација со најголемата опозициска партија и, со тоа, се дисквалификува себеси како достоинствен и конструктивен претставник на САД. Но оваа констатација повлекува и цел еден асортиман од инкриминации. Дали тој е „чадорот“? – прашање, кое недвојбено се наметнува поради сите овие индиции. Дали прислушуваните и монтираните материјали на лидерот на најголемата опозициска партија му ги дал токму „чадорот“ и со тоа направил голем меѓудржавен криминал, воедно инкриминирајќи ја сопствената држава за непринципиелно дејствување?
Потоа, прашањето за акцијата во Диво Насеље – се наметнува автоматски. Па, прашањето за корупцијата, кој, колку, кому дал? А, сега, треба сето тоа да се одработи, срамот поминува, а парите на контото греат како стар, добар камин во Швајцарија.
И, конечно, кога и да се случат тие избори, опозициската партија ќе загуби со голема разлика, а што подоцна овие избори се случат, толку разликата ќе биде поголема.
Значи, амбасадорот на САД се истрча и ја посрами својата држава, потоа, му направи мечкина услуга на лидерот на најголемата опозициска партија.
По ова несомнено солирање на амбасадорот на САД пред Владата на Република Македонија, огромен број на тие неодлучни гласачи веќе знаат за кого да го дадат својот глас, а тоа нема да го направат за опозицијата.
И, за пародијата да го доживее своето крешчендо, еве ги опозиционерите како, по којзнае кој пат, слават.
Го слават својот дефинитивен изборен пораз и напуштањето на политичката сцена – засекогаш.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.