| четврток, 6 декември 2018 |

Инфраструктурни и проекти за економски развој во Општина Гази Баба

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денес оствари посета на општина Гази Баба каде оствари средба со жителите на Стајковци, Сингелиќ и Инџиково, а присуствуваше и на пуштање во употреба на нова спортска сала во основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто.

gruevski-singeik

Груевски во овие населени места изврши увид во проектите кои се реализираат, а посетите ги искористи и да поразговара со граѓаните за досегашните активности кои се спроведуваат во нивните населени места, како и за нови проекти.

Во Стајковци претседателот на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше на пуштање во употреба на реконструираната улица „Антон Велковски“.

-Ги санираме улиците. Се направи главата улица „Антон Велковски“ во должина од еден километар. Улицата што гравитира кон Сингелиќ половина е направена, половина сега ја работиме со атмосферска канализација и асфалтирање. Фекалната канализација се заврши, информираше Трајковски.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски го информираше Груевски дека и водоводната мрежа се реконструира во должина од шест километри.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ беше информиран и дека комплетно е заменет кровот на училиштето во Стајковци, како и подовите, а се врши и внатрешно реновирање на училиштето.


Во селото Сингелиќ, пак, во тек се градежни активности за санација и реконструкција на ул.„Алија Авдовиќ“ со атмосферска канализација.  Претходно, како што беше потенцирано на средба со граѓаните, се вложени милион евра во обнова на училиштето. Тамошното население, исто така бара изградба на спортска сала за училиштето „25 Мај“ каде настава посетуваат 1.500 ученици.

Градежни активности се почнати и за санација и обнова на улица „10“ во село Инџиково, во должина од километар, за што општината добила финансии од Владата преку Агенцијата за рурален развој. Таквите можности, како што потенцираа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и Груевски, не ги искористила се уште општина Куманово.

gruevski-sredba

– Тука локалната власт ги има искористено сите средства за водоводни и канализациски системи преку Агенцијата. Градоначалникот од  Куманово се уште не сака да ги достави проектите за што парите се уште се на располагање. Кога ќе ги достави проектите моја одговорност е да распишам тендер, рече Мисајловски.

gruevski-sredba1

Потенцијал  за развој на населените места кај Инџиково и отворање работни места се очекува да обезбеди најавената индустриска зона. Во завршна фаза е изработката на деталниот план што треба да заврши за месец, по што ќе следи проектирање.

– Станува збор за голема зона од 280 до 300 хектари од кои 40 проценти е државно, а 60 проценти приватно земјиште. Има заинтересирани инвеститори што сакаат да градат тука и ќе ги видиме нивните потреби, наведе градоначалникот Трајковски.

Пред посетите на селата Стајковци, Сингелиќ и Инџиково, во населбата Ченто беше пуштена во употреба спортска сала во ОУ „Крсте Мисирков“, преку владиниот проект што го спроведува Агенцијата за млади и спорт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top