Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски беше особена личност и народен човек, кој го живееше својот живот посветен на својата земја и по 12 години од трагичната смрт претставува инспирација и гордост за сите граѓани. Во чест на неговиот живот и дело денеска пред споменикот кој се наоѓа на платото пред најголемиот спортски комплекс во нашата држава, кој воедно го носи неговото име, беше одадена почит и положено спомен цвеќе, стои во соопштението од спортскиот центар „Борис Трајковски“.

– Македонија се гордееше и се гордее со Борис Трајковски, кој беше човек со неверојатни морални, но и професионални вредности. Голема чест и обврска е да се носи името на овој наш претседател, па токми заради тоа СЦ „Борис Трајковски“ постојано се труди да претставува симбол за институција која на македонскиот народ ќе донесе многу радост, и притоа ќе продолжи да биде место на големи спортски победи на македонски спортисти, тимови и репрезентации. Постојано ги промовираме и семејните вредности, кои ги имаше и притоа постојано ги нагласуваше како важни за Република Македонија нашиот поранешен претседател, Борис Трајковски – изјави директорот на центарот Златко Перински.

Пред споменикот на претседателот Трајковски во името на сите граѓани на Република Македонија почит оддадоа директорот Златко Перински, директорот на Агенција за млади и спорт Марјан Спасески, претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаревски, претставниците на „Спортско радио“, како и претседателот на Сојуз на спортови на Македонија Борче Боев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


