| четврток, 6 декември 2018 |

Кабаре

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Денес хаосот во Европа, вклучувајќи го и нашиот балкански регион, е подигнат на толкав степен, што во голема мера потсетува на состојбите што владееја во доцните дваесетти и на почетокот на триесеттите години од минатиот век во Германија, време на огромна криза и на пресврти, време, кое само феноменот на кабарето, како еден вид популистички, ласцивен театар, може најсублимативно да го долови.

Генијалниот американски режисер и кореограф Боб Фоси, по повод овој чуден и, во голема мера, турбулентен политички и културен период на Европа, го направи своето култно филмско дело „Кабаре“, со Лајза Минели и со Мајкл Јорк, дело во кое тој, преку феноменот на забавната и популарната култура од овие неверојатни времиња од историјата на стариот континент, го проследи засилувањето на нацизмот и неговото преземање на власта во државата.

Кабарето како форма на сценската уметност, произлезена од долгата и фасцинантна историја на театарот, беше не само политички показател, социјален барометар и форум, каде што преку говорот, музиката и танцот на најсублимативен начин се претставуваа и проблематизираа главните општествени дилеми на моментот, туку и терен на кој се создаваше перцепција за текот на моќите и насоката на нивните вектори, воедно претставувајќи и некаков колективен вентил, при кој политичките егзалтации или, пак, фрустрации се ослободуваа, трансформирани во сексуална енергија.

Овој контекст се движи на иста линија со психолошките теории на Сигмунд Фројд и неговата психоанализа, но во естетскиот и во драматуршкиот дел силно влијание внесоа социјалистичките и комунистичките писатели на скечеви, како Бертолт Брехт, на пример.

Во секој случај, самата институција на кабарето има многу подлабоки корени, корени што допираат до уметноста на водвиљот, пародиите и комичните драмолетки, кои станаа омилена уметничко-поетска храна на пролетаријатот и на ситната буржоазија.

Но кабарето, како уметничка групација што ги актуализира перипетиите на политиката, почна да добива поголема популарност и гласност; така, структурите што го консумираа, стануваа сѐ поелитни и политички влијателни и, конечно, оваа уметничко-забавна институција силно се етаблираше во урбаната култура на Европа.

Така кабарето стана огледало на општеството, такво, какво е во моментот, а за критиката да биде амортизирана и поприфатлива во структурите на перформансите, се внесуваа соблазнителни еротски сегменти, при што овој феномен често беше прифаќан како синтеза меѓу уметноста и проституцијата. Но само за тие, конзервативни и пуритански настроени групи, секогаш подготвени да демнат врз интактноста и коректноста на јавниот морал.

Сепак, во основата на чудните и комплексни лавиринти на уметноста на кабарето, се создаваа политички некоректните критики, кои во еден манир маскиран со еротиката, требаше на најсуптилен и параболичен начин да ѝ се соопштат на публиката.

Оваа спрега на мека и возбудлива провокативност успеа да се одржи во времињата што доаѓаат како систем на поетско-уметнички пораки, инспирирани од политичко-општествената критика, но, при ова свое временско-историско патување, институцијата на кабарето се менуваше и приспособуваше на потребите на естетските трендови и побарувањата на публиката. И така, оваа чудесна традиција на кабарето, на тој неформален, сатирично-пародичен вид театар, успеа да преживее и до ден денешен, сообразувајќи ги своите тенденции и потреби со големите и малите прикаски на политиката и на еротиката, како главни столбови на инспирацијата на каберетските уметници.

Од друга страна, пак, виталноста на кабаретскиот дух се покажа силен и приспособлив, па уметноста на кабарето наредните години стана дел од електронските медиуми, како што е, на пример, телевизијата. Тука популаризацијата на оваа специфична уметничка форма ги достигна своите ѕвездени моменти, пред сѐ, во Америка, земјата на масовните системи на забава.

И, конечно, самиот амбиент на опскурните ноќни и темни катакомби на кабарето, беше вистинска лабораторија на каприциозни анализи и интерпретации на дневната и актуелна политичка драма, што сите тие партиципиенти во шоуто, без оглед на тоа од која страна на сцената се наоѓаа, ги продуцираа, сецираа, се спротивставуваа, а, понекогаш, и договараа. Сѐ во зависност од тоа на која структура од општествената пирамида на политичките хиерархии ѝ припаѓаа протагонистите.

Веројатно, ваквите криптофоруми, ваквите суптилни „фабрики“ на перцепции и заклучоци, визави општествените текови во тие, веќе развиени, културно-интелектуални средини, доживеаја голема и спектакуларна резигнација кај филмските творци во светот, а посебно во Холивуд.

„Кабаре“ на Боб Фоси беше круна на една голема традиција, поврзана со екранизацијата на овие андерграундски амбиенти од времето на големата депресија. Да се присетиме само на најмаркантното филмско дело на Марлен Дитрих „Синиот ангел“. А и фамозната шпионка, Мата Хари, за која беше снимен филм во студијата на Холивуд, беше каберетска танчарка.

Всушност, во речиси сите шпионски филмови, заклучно со најкомерцијалните, со херојот на Јан Флеминг – Џемс Бонд, мора да има некоја сцена од некое кабаре во светот, без оглед на тоа, колку е егзотично и колку отстапува од веќе етаблираното кабаре од централна Европа, пред сѐ, од Берлин, како еден вид кабаретски прототип и парадигма, воедно.

За жал, во нашиот сценски живот со години не сме го виделе овој чудесен и прекрасен креативен феномен. Се сеќавам дека во неколку наврати од одредени ентузијастички ориентирани театарски работници имаше обид да се воспостави кабаре и во нашата мизерна метропола, но, за жал, за овој доблесен проект немаше слух од тие фактори, кои се неопходни за овој систем да добие своја инфраструктура и уметничка продукција. Можеби надлежните се исплашија да не станат жртви на критиката и исмејувањето на кабарето, откако ќе го воспостават. Сето тоа, по теркот на – „рани куче да те лае“. Но оваа варијанта е многу подобра, колку и да е неблагодарна, отколку аутистичната практика, со која нашата финансиска елита упорно ја одржува својата анална фаза, во која е потоната и премногу години.

Сепак, кога СЈО се појави со своите инкриминации, сфатив дека сме добиле кабаре.

Тоа е тромаво, глупаво и лишено од луцидност кабаре, скечевите се ступидни, речиси идиотски, но според комичноста на протагонистите, тоа е вистинско кабаре.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top