Директорот на ЈОУ „Зоолошка градина“ – Битола, Ѓоко Дамевски денеска соопшти дека продолжува соработката со скопската зоолошка градина која се темели на размена на стручни знаења и размена и подароци на животинскиот фонд.
Најновиот подарок од скопската зоолошка градина се две валаби и два мајмуна, кои викендов мотивираа повеќе од 500 посетители да ја посетат зоолошката градина во Битола.
– Во петокот од скопската зоолошка градина на подарок добивме две валаби и два мајмуна патас, а штом веста се расчу, бројот на посетители викендов забележително се зголеми и притоа регистриравме повеќе од 500 посетители – истакна Дамевски.
Соработката со зоолошката градина од Скопје, но и со други од регионот, најави тој, наскоро ќе резултира со дополнително зголемување на животинскиот фонд во зоолошката градина во Битола.
– Кога почнав да ја вршам функцијата директор на битолската зоолошка градина, просечниот број на посетители на годишно ниво беше околу 11.000, а со воведените новини минатата година тој број беше двојно зголемен, односно 21.000. Мислам дека во текот на оваа година битолската зоолошка градина ќе ја посетат околу 30.000 гости, а доколку успееме да достигнеме просек од 50.000 тогаш оваа установа ќе биде самоодржлива и многу поатрактивна – појасни Дамевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.