МЗТ Скопје е вториот финалист во Купот на Македонија. „Металците“ во вечерашното второ полуфинале славеа над домаќинот Кожув со резултат 72-62, одмаздувајќи му се за ланскиот пораз во полуфиналето од ова натпреварување, кога тимот од Гевгелија среде Аеродром ги елиминираше „штрковите“. За враќање на Куп-трофејот во нивните витрини во финалето ќе се пресметаат со Карпош Соколи.
Квалитетот и искуството на МЗТ беше пресудно за исходот на натпреварот. Кошаркарите од Гевгелија беа борбени, се трудеа до последниот звук на сирената, но едноставно немаа доволно сили, но и квалитет за да го повторат успехот од лани.
Решавачката предност МЗТ ја направи со серија на стартот на третата четвртина, кога направи разлика од 11 поени (48:37). Кожув успеа во еден момент да се доближи на еден разлика во последниот период (50:49), но сепак МЗТ не дозволи ништо повеќе од тоа и повторно се одлепи резултатски (59:53) и до крајот ја контролираше играта.
Во победничкиот табор најефикасни беа Марко Луковиќ со 12 и Стојановски, Љубичиќ и Дреновац со по 11 поени. Кај Кожув најефикасни беа Пен со 21 и Нешовиќ со 18 поени.
Утре финалето е во 19:30 часот – МЗТ Скопје ќе се бори за осмата титула во Купот, додека Карпош Соколи има можност да ја освои првата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.