
Поранешниот тренер на Челси, Жозе Мурињо изјави дека не му е во план да се враќа во Интер, како и дека тој не е во потрага на клуб, туку фудбалските клубови го бараат него.
Во декември Челси го отпушти Португалецот поради лошите резултати, а оттогаш медиумите постојано шпекулираат за тоа каде би ја продолжил тој кариерата, а најмногу го поврзуваа со Манчестер Јунајтед, кој се уште е под водство на Луис Ван Гал.
Медиумите во Италија беа гласни за неговото враќање во Интер, со кој „специјалниот“ во 2010 година ја освои тројната круна, но Мурињо остро им даде до знаење дека нема намера да се враќа во Милано.
„Само да разјасниме една работа – не ги превземам работите таму (Интер) следната сезона. Интер веќе си има проект кој припаѓа на Манчини и Ерик Тохир (претседателот на клубот). Целосно ги поддржувам нивните идеи и се надевам дека ќе бидат успешни. Сакам да ги видам навивачите на Интер повторно насмеани“, изјави 53-годишниот Мурињо за италијанските медиуми.
На прашањето кој е негов следен клуб, одговори дека не знае.
„Навистина не знам, но едно е сигурно – го сакам фудбалот и ќе му се вратам со истата страст и амбиција кои отсекогаш сум ги имал. Го почитувам секој тренер во секој тим. Јас не барам клуб, туку клубовите ме бараат мене“, одговори Португалецот во негов стил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


