Новото дополнето и изменето издание на Правописот на македонскиот јазик, кое денеска беше промовирано во НУБ „Климент Охридски“, е поголемo по обем од актуелното, содржи две нови поглавја, правилата се упростени, бројот на исклучоците намален, а примерите осовременети.
Во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во проектот беа вклучени 48 соработници, пред сѐ универзитетски професори од Институтот за македонски јазик, од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од МАНУ и од други сродни институции.
Академикот Витомир Митевски потенцира дека новиот Правопис не е книга за на маса, наменет за професионалците, за лекторите, туку и за секој човек.
– Писмениот човек, особено оној што пишува и твори на македонски јазик, во овој Правопис ќе си најде верен сопатник и помошник во секојдневаната работа, често исправен пред дилеми. Од типот дали едно нешто да го напише како што свикнал со години или можеби греши, бидејќи нештата во меѓувреме се промениле – рече Митевски, кој беше еден од промоторите.
Со овој Правопис, како што рече, нашите лектори добија ново, моќно и модерно оружје со кое ќе ги бранат стандардите на македонскиот јазик, правопис и правоговор.
– Со новото издание на Правописот добивме нов запис за македонскиот збор, насока како пишаното да се изговори и изговореното да се напише – рече академик Митевски.
Според проф. д-р Славица Велева, овој Правопис ги научил дека како македонисти може да се работат проекти со 48 автори, специјалисти од својата област.
– Овој Правопис треба да се отвори и да се види што суштински е подновувањето. Сѐ она што ни беше дилема, проблем и како македонисти не можевме да го решиме, овде авторите и редакцијата се обидува да го разреши, дава предлог. Мора да сфатиме дека и Правописот и Толковниот речник и сите овие капитални изданија во суштина се само една отворена книга. Обврската на македонистите е јазикот да не го конзервираме затоа што на тој начин ниту ги следиме стапките на Крсте Мисирков, ниту на Блаже Конески – потенцира Велева. Според Велева, современиот јазик треба да се слуша духот на народот кој го говори.
На промоцијата се обратија и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска.
– Новото издание на Правописот на македонскиот јазик е запис за македонскиот збор, кодекс за неговата практична примена како жива јазична форма, насока, како пишаното да се изговори и изговореното да се напише. Правописот е потврда за писмената традиција на македонската почва почната во скрипторските центри на Охридската и злетовско-кратовската школа која има континуитет низ вековите за да си најде конечна форма со донесувањето на Првиот правопис на македонски јазик во 1945 година, рече Канческа-Милевска.
Денешниот настан, како што рече, има исклучително значење бидејќи со него ние ја одбележуваме и 70-годишнината од издавањето на првиот Македонски правопис кој досега, под товарот на секојдневните промени што се случуваат во севкупното човеково живеење, имаше неколку дополнувања, во 1950, 1970 и 1998 година.
– Новото издание на Правописот не ги менува постојните правописни правила, правописната традиција воспоставена од првите составувачи на македонскиот правопис, големите филолози Блаже Конески и Крум Тошев и нивните следбеници, но преку него македонските лингвисти соодветно одговараат на потребите на својот народ и на сите оние што се служат со македонскиот јазик, создавајќи едно современо полезно помагало кое може да користи во градењето на културата на писмената комуникација – потенцира Канческа-Милевска.
Директорката Јованова-Грујовска информира дека се работи за проширен, дополнет и осовременет Правопис, што се работел повеќе од две години, како проект на Институтот за македонски јазик, а целосно финансиран од Министерството за култура и поддржан од Министерството за образование и наука.
– Правописот претставува потсетник и учител за сите што сакаат да се служат со стандардниот македонски јазик, рече Јованова-Грујовска.
На промоцијата присустваа архиепискот охридски и македонски г.г. Стефан, проректорот за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје Влатко Стоилов, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик-минстерот за образование и наука Спиро Ристовски, академици, професори, студенти…
Правописот на македонскиот јазик може да се набави во Институтот за македонски јазик, а ќе го има и на претстојниот Саем на книгата. Правописот чини 1.500 денари.
Составувачите на елаборатот за осовременување на правописот беа Елка Јачева-Улчар и Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик и Симон Саздов од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици од Филолошкиот факултет.
Освен составувачите на елаборатот, редакцијата има уште два члена: Снежана Веновска-Антевска од институтот и Живко Цветковски од Филолошкиот факултет, кој е и претседател. Во работата беше вклучен широк тим, составен од педесетина научни работници, македонисти, меѓу кои се и двајцата живи автори на актуелниот правопис, Кирил Конески и Радмила Угринова-Скаловска. Во делот за транскрипција на туѓите имиња на македонски јазик, пак, учествувале филолозите што ги предаваат соодветните јазици на катедрите на Филолошкиот факултет.
Иницијативата за ново издание на Правописот во 2012 година ја поттикна Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


