| четврток, 6 декември 2018 |

Ретроспектива

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Една од најголемите утки во културата на македонската независна држава е таа што интелигенцијата од левицата оркестрираше со својата критика против проектот „Скопје 2014“, како симбол на македонската нација и историја. Но фуриозната критика беше вперена кон сето тоа што е создадено од десноориентираните творци. Искрено, во овoj четврт век од дезинтеграцијата на СФРЈ, па наваму, кон современоста на независна Македонија, се случија многу културолошки утки и од страната на интелектуалните елити на новоконституираната македонска десница, но и од страната на интелигенцијата на македонската левица, која не само што ја наследи целата културна инфраструктура, што остана по пропаста на Федерацијата, нејзината авторитарност и влијание, но, со тоа, и хипотеките од минатото, означено со владеењето на монопартискиот тоталитаризам, а тоа е речиси половина век.

Парадоксално е опортунистичкото и агресивно однесување на проминентните фигури од интелектуалниот суперисполитизиран круг на левицата, која, еве, во последниве времиња ја довршува својата политичка транзиција, всушност, метаморфоза, при која македонската, а и меѓународната јавност беа сведоци како една политичка партија, која флагрантно ја означи македонската модерна историја, се претвора во криминална банда.

Шпионажата, кодошењето, клеветењето, фабрикувањето инкриминациите, ординарниот и вулгарен криминал, а, претпоставувам, и летален вид кривични дела, се современиот асортиман на оваа несреќна и целосно полудена политичка мафија, која и покрај сите мимикрии и камуфлажи, сепак, не успеа да го скрие својот престапнички манир на владеење, кога имаа шанси за тоа.

Овој тажен неуспех, кој од поранешните тоталитаристи и авторитети создаде гротескни фигури, криминалци, предавници и политички уличари, што цело време се во потрага по некој моќен покровител, на кој ќе му се закачат за ногавицата и, така, ќе се зашлепуваат кон власта, е само очајната претстава, во која гледаме како историската судбина, конечно, ја егзекутира нивната општествена суштественост и ги отстранува на буништето на историјата.

Имам недвојбено чувство дека овој феномен на отстранувањето на претставниците на пропаднатите идеологии од европската понова историја, како тука, во Македонија, најдоцна да се одигрува од сите поранешни комунистички земји.

За овој поразувачки факт, кој, всушност, говори и за непоимливо масовната и длабока индоктринација на народот, со веќе потонатите идеологии на тоталитаризмот, има многу експликации. Овде, на југот, од пропаста на Федерацијата, десницата долго време не знаеше како да создаде своја интелектуална елита, која би ги артикулирала интересите на едно слободно и повеќепартиско општество, во кое десните идеолошки и политички визии би добиле свои влијателни позиции и авторитет. И токму таа тривијална тромавост на проектантите на проконзервативните идеологии ѝ даде уште најмалку две децении доминација на политичката и на културната сцена на овие посттоталитаристи, кои од историскиот дискурс на Источна Европа исчезнаа уште во деведесеттите години на минатиот век. Некои дури и со воена агресија од страната на земјите на НАТО, како што беше со СРЈугославија под режимот на Слободан Милошевиќ.

Тогаш сите познавачи на историската мапа на југоисточна Европа мислеа дека и последниот претставник на социјалистичкиот тоталитаризам е тргнат од сцената и дека целиот регион влегува во една нова идеолошко-политичка епоха.

Но, не било така. Вешто маскираните македонски криптокомунисти, собрани околу сукцесорот на веќе историски инкриминираната КПМ, уште долго, речиси цели две децении функционираа каков некаков културно-политички фактор пред самиот нос на сите западни гувернери, пардон, господари на политичкиот терен, воедно амбасадори и познавачи на општествените текови, кои дојдоа токму од земјите, кои речиси половина век, со сите средства се бореа против комунистичкиот тоталитаризам.

Како тоа, се прашувам, одеднаш, најлутиот идеолошко-политички непријател на комунизмот ги зеде криптокомунистичките наследници, наследници на КПМ – собрани денес во најголемата опозициска партија – банда, како свои миленици и не штедеше авторитет, пари и енергија да им го продолжи политичкото опстојување, па дури и неколку пати, наспроти волјата на македонскиот народ да ги поставува на власт?

Ова се сѐ уште актуелни прашања, кои бараат кратки, разбирливи и аргументирани одговори.

Како прво, криптокомунистите беа најпогодни за соработници. За разлика од тие што беа чисти пред сопствената совест и со ништо не го загрозија својот морален хабитус, политички активните тоталитаристи требаа да бидат изведени пред судот на историјата и да бидат судени за сите злосторства што ги беа направиле кон сопствениот народ со своето недемократско и насилно владеење, како што тоа беше направено во Источна Европа. Но, ништо од ова не се случи.

И место да видиме барем длабоко покајание и тивко и дискретно оддалечување од политичката сцена, ние во последниве години гледаме еден реинкарниран политички монструм, кој со сите сили се обидува да изведе нова, лудачка, прокомунистичка револуција и да се докопа до власта, а, воедно, да го реинсталира тоталитаризмот во државава. И, сето тоа, благодарение на „меѓународната заедница“, која со сите сили ги поддржуваше, дури и во моменти кога криптокомунистите манифестираа најординарен криминал.

За тоа криптокомунистите плачеа со неверојатна лигавост, аморалност и одвратност, која народот многу јасно ја согледува и, според тоа, ја казнува на сите избори во последнава декада.

Но има една индикативност во врска со „меѓународната заедница“, која функционира на најмалку три нивоа.

Првото допира длабоко во историјата и нѐ води до 1913 година и до Букурешкиот мировен договор, кога Македонија беше раскината на три дела.

Потоа, војната од 2001 година, кога истата таа „меѓународна заедница“ се обиде да го доуништи и тоа што македонскиот народ успеа да го добие по Втората светска војна, кога беше дел од антихитлеровската коалиција.

Третиот обид од историски пропорции беше токму тој, неодамнешниот, кога „меѓународната заедница“ ја активираше својата вкупна разузнавачка инфраструктура во земјава, за да ја дискредитира актуелната власт, да ја урне и на нејзино место повторно да ги постави криптокомунистичките тоталитаристи.

Затоа, сега, кога авторитетот на „меѓународната заедница“ е веќе доведен до една вулгарна криминална позиција, а оваа перцепција за неа оди подалеку од политичките граници на македонската држава, сега таа, конечно, ги пушти криптокомунистите по вода, не можејќи повеќе да ја следи криминалната агенда, што овие мизерници ја тераат.

Но, големата недоверба кон „меѓународната заедница“ останува. Сосема заслужено.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top