Во Изложбениот салон на Националната установа – Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена Меѓународната изложба на уметничка фотографија „Улици 2013“.
Во изложбата на едно место се претставени 731 автор од 70 држави што, според организаторите, е еден вид рекорд во поставување изложби.
Изложбата доби покровителство од сите светски фотографски патронати, како ФИАП, кое е најстаро здружениe на уметничка фотографија со седиште во Луксембург, потоа ИААП, ПСА, ИСФ, ФСМ и посебно признание од Меѓународното здружение на уметничка фотографија УПИ.
„Улици 2013“ претставува втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија од натпреварувачки карактер која се организира во Куманово. Како организатори се јавуваат Фотокино клубот „Козјак“, заедно со НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Изложбата е жирирана од страна на претседателот на УПИ, Манолис Метзакис, од Грција, Серкан Турац од Турција и Душко Јовановски од Македонија, кои ги селектираа фотографиите за изложбата. Освен тоа, доделени се 67 награди, како и награда за најдобар автор на фотографот Х. В. Чан од Хонг Конг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.