Фалсификувањето и фабрикувањето афери не е нешто ново кога во прашање е СДСМ. Истата партија која во последниов период преку својот член Захир Бекири- Чауш е актуелна со фалсификувањето на лични документи, пред три години се обидуваше да фабрикува иста ваква афера непосредно пред локалните избори.
Преку нивен медиум, партијата на Зоран Заев и во 2013 се обидуваше да фабрикува нивна афера, но се откри дека станува збор за уште една местенка во режија токму на СДСМ, исто како и онаа со „Фабриката за афери“ која изминатиов период ја брануваше јавноста, а зад која јасно и недвосмислено се покажа дека стои сопартиецот на Заев, Чаушот.
Опозицискиот портал „Охридскај“ во март 2013 година објави наводна афера според која во Охрид се делеле двојни лични карти. Според сознанија на порталот тогаш, во еден ден биле издадени над 600 дупли лични карти , со тренд на зголемување. Сепак, само неколку дена подоцна, целосно беше разобличен ваквиот обид за фабрикување на афера, бидејќи се покажа дека станува збор за местенка во режија на СДСМ.
Имено, МВР откри дека високи партиски функционери од СДСМ на состанок во Централниот штаб во Скопје разговарале со повеќе лица на кои им било посочено дека треба да извадат двојни лични карти со кои ќе се презентира изборен инцидент. Нефицијално, медиумите тогаш објавија дека високиот функционер од СДСМ бил Игор Ивановски, кој заедно со останатите во централиот штаб, на лицата од Охрид им ветувале надомест од 50 евра за секоја двојна лична карта.
МВР утврдило дека 26-годишен охриѓанец, симпатизер на СДСМ и вработен во охридски комуналец на 28-ми септември во управните служби на СВР Охрид пријавил дека личната карта му е изгубена на неодреден датум. Всушност, охриѓанецот не ја вратил веќе постоечката биометриска лична карта и доведувајќи ги во заблуда службениците извадил втора, двојна лична карта. Како што бил информиран охриѓанецот, целта на вадењето на двојните лични карти, било да се прикажат изборите како нелегитимни пред набљудувачката мисија ОБСЕ и останатите ангажирани меѓународни набљудувачи.
-Полицијата извршила разговор и со осомничениот кој во својата изјава посочил дека во август 2012 бил повикан во централата на Социјалдемократскиот сојуз во Скопје, а превозот му бил платен од штабот на партијата во Охрид. На состанокот, според неговиот исказ присуствувале повеќе лица кои биле поучени да поднесуваат барања за двојни лични карти по подрачните единици на Министерството со цел да се прикаже изборен фалсификат. Истиот во исказот посочил дека како надомест им биле ветени по 50 евра. Откако поднел барање и му била одобрена личната карта, бил повикан за да ја презентира, по што двете лични карти му биле одземени со ветување дека ќе му бидат вратени пред гласањето. Според неговите сознанија изнесени во изјавата, ваквото сценарио требало денес да биде обелоденето и на една од телевизиите, објавија медиумите на 20-ти март 2013-та година.
МВР извршило претрес кај него дома, но двете лични карти не биле пронајдени, додека според исказот на уредникот на „Ohridsky.com“, осомничениот си ги зел со него веднаш откако ги презентирал во штабот на СДСМ.
Овој пример покажува дека фалсификувањето и фабрикувањето афери е генетски код на СДСМ и воедно се поставува прашањето колку Чауши има во СДСМ?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.