Музеј – Куманово во соработка со локалната акциска група „Абер 2015“ и со поддршка од Проектот за експанзија на мали бизниси, финансиран од УСАИД и од Владата на Швајцарија, ќе ја развива мегалитската опсерваторија Кокино како туристичка дестинација. Со овој проект, познатиот локалитет во земјава ќе добие нова веб-страница www.кокино.мк, промотивно видео, мобилна апликација, постојните информативни табли ќе бидат реновирани, а се планира и поставување на патокази и на заштитни прегради на ранливите делови на локалитетот и негово оградување. Целта на проектот е локалитетот да стане лесно достапен за туристи, и физички и на интернет, а притоа да се зачува неговиот автентичен изглед и да нема негативно влијание врз природната средина и врз локалната култура.
– Локалитетот Татичев камен – Кокино, кој е единствена појава на Балканот и реткост во Европа, Американската вселенска агенција (НАСА) пред повеќе години го позиционираше на четвртото место меѓу најстарите и највредни 15 праисториски опсерватории во светот. Уверена сум дека со реализираните активности Кокино ќе стане подостапно за сите заинтересирани посетители од земјава и од странство, кои непречено ќе можат да се движат низ локалитетот и да се запознаат со уникатноста на оваа мегалитска опсерваторија – вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Четиригодишниот проект „Кокино – македонски бренд“ вклучува изградба на пристапна патека со назначен правец на движење за посетителите, поставување заштитни огради на дел од патеките со материјали што се во согласност со природната околина, како дрво и камен, изработка на информативни материјали за локалитетот и изградба на центар за посетителите, во кој ќе има сала за одржување работилници, семинари, изложбен простор, сувенирница и ресторан. Центарот ќе биде опремен со компјутерска опрема за обезбедување на локалитетот и евидентирање на бројот на посетителите.
Во јуни ќе се организира меѓународна научна средба под наслов „Кокино археолошки и астрономски аспект – искуства и паралели“, на која експерти од Македонија и од светот ќе дискутираат за археоастрономските аспекти на овој локалитет. Ќе се реализира изложба на фотографии што ги потенцираат археолошките и астрономските сегменти и културниот предел на Кокино, како и посебна изложба на археолошки артефакти пронајдени во рамките на повеќегодишните истражувања на локалитетот Кокино. На самиот локалитет, пак, ќе се реализира и фестивал, кој е замислен како концепт на претставување различни временски периоди, од настанокот на човекот до денес.
Според досегашните информации, Кокино досега го посетуваат 10 до 20.000 туристи годишно, но тој број се смета за занемарлив во споредба со посетеноста на сличните опсерватории, Мачу Пикчу во Перу, Стоунхенџ во Велика Британија и Анкорват во Камбоџа, каде што бројот на туристи достигнува и до 2,3 милиони туристи годишно.
Мегалитската опсерваторија Кокино е оддалечена 35 километри од Куманово, сместена во мирен простор со бои од природата, на 1.015 метри надморска височина. Датира од 1.800 година пред новата ера, неговите истражувачи, археологот Јовица Станковски од Музејот во Куманово и астрономот Ѓоре Ценев од Планетариумот при Младинскиот културен центар, успеаја откритието од 2001 година да му презентираат на светот на вистински начин, а неговата особеност му отвори пат до НАСА. До опсерваторијата доаѓаме низ селото Старо Нагоричане. Татичев камен доминира во околината и веднаш го забележавме кога почнавме да се искачуваме. Поминуваме низ селото Кокино, по кое опсерваторијата го добила името, бидејќи таква е светската практика: имињата на локалитетите им се даваат според најблиското населено место. На простор од 120 квадратни метри, собрани се 500 килограми керамика и тоа садови во најразлични форми, разни предмети, мелници од камен за жито и друго, која потекнува од населбата на Кокино од 13-12 век пред новата ера. Оваа населба е всушност предворје на опсерваторијата, до која водат патеки направени од човекот, но и од природата. Додека се движиме по патеките, се провираме низ стрмните карпи, а на нив, пак, се шаренеат разнобојни лишаи кои содржат андензит, кој им овозможува да пукаат и да се обликуваат. Со нивна помош во минатото успеале да ги направат таканаречените „нишани“ низ кои се следи движењето на Сонцето, Месечината, ѕвезденото небо и така натаму. Кога конечно се искачивме на Кокино, глетката беше импресивна. Има седум нишани од кои три се за набљудување на Сонцето, а четири за Месечината. Од карпите се направени и две платформи за набљудување, но и пет престоли на кои седеле владетелите.
– Мошне прецизно е направена траншејата која овозможува да се пропушти зрак, кој од главниот нишан паѓа точно на престолот. Со тоа се означувал почетокот на годината, но и почетокот на свеченостите… Сето ова им било потребно во минатото зашто според тоа старите народи се ориентирале кога е време за жетва, за животни циклуси и така натаму – велат археолозите.
А вештачки направената позиција овозможува да се видат сите седум нишани од каде што може да се набљудуваат небесните тела – што е исклучителна специфика на Кокино. Оттаму се набљудува рамноденицата. Одовде имате незаборавен поглед на околината. Оние што го посетиле преку ноќ, велат дека оттаму се гледа и Милениумскиот крст на Водно. Кокино е подготвено за туристичка понуда. Мегалитската опсерваторија е единствена од овој тип зашто не е само астрономски локалитет, туку и археолошки.
– Се бориме на глобално ниво да ја означиме Македонија како дестинација што нуди несекојдневни форми на туризам и живеење. Од туристичка гледна точка Кокино е многу битно, зошто спаѓа во групата на најатрактивни и најпосетени опсерватории на светско ниво. Доказ за тоа е и рангирањето меѓу десетте најдобри туристички дестинации во светот што го изврши организацијата „Лонли планет“ која го стави локалитетот Анкорват на прво место, смета Лела Крстевска, директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Националната установа Музеј Куманово, пак, е задолжена за грижата и за промоцијата на локалитетот Кокино уште од неговото пронаоѓање во 2001 година.
– Веќе 15 години работиме на реставрација и на конзервација на локалитетот и артефактите кои се пронајдени на него. Во изминатите неколку месеци заедно со Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Швајцарската влада интензивно работевме и на воспоставување на официјалната веб-страница која ќе биде главен извор за информации за сите странски и домашни туристи кои ќе сакаат да го посетат Кокино. Како придружна алатка на страницата подготвуваме и мобилна апликација – аудиоводич преку кој посетителите преку мобилни телефони ќе можат да добијат повеќе информации додека се на самата локација – вели Анита Цветановска, директор на музејот.
За Мајкл Стиватер од УСАИД Македонија, мегалитската опсерваторија е совршен пример да се покаже богатото културно-историско наследство на Македонија.
– Моментно Кокино го посетуваат 10 до 20.000 луѓе годишно што е добро за почеток, но многу може да се направи за да се зголеми бројот на посетители. Во мај, во Охрид, ќе се одржи „Адвенчр некст Балкан конференција“ на која ќе има преку 300 професионалци од туристичката индустрија и ќе биде најголемиот „бизнис ту бизнис“ (В2В) настан што се случил во Македонија од областа на туризмот. Оваа конференција ќе го засили разбирањето на меѓународните туристички оператори за македонските скриени убавини. Колку повеќе луѓе ќе знаат за туристичката понуда на Македонија, толку повеќе ќе сакаат лично самите да ги искусат и да ги посетат прекрасните места низ целата држава кои се малку настрана од патот, какво што е и Кокино – вели Стиватер.
Пишува: Невена Поповска
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 179. број на неделникот „Република“, 5.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.