Во крајно неизвесен натпревар првиот натпревар по паузата од два месеци во Лигата на шампионите Рајн-Некар Левен дури во четвртиот обид успеа да слави минимална победа над Вардар од 28-27. Во натпревар во кој победникот не се знаеше се до последните секунди од мечот бидејќи ниту една екипа не направи поголема предност од три гола во текот на целиот натпревар.
Вардар одигра солидно но сепак недоволно за уште една победа над германскиот тим, и со пораз и наведнати глави се враќа во Скопје.
Бодот за Вардар висеше во воздух се до ударот на Брумен на 11 секунди до крајот, но првиот голман на „лавовите“ Микел Апелгрен успеа да го скроти ударот на Словенецот и да му донесе на својот тим победа, која го израмнува на врвот на табелата со 15 бода заедно со Барселона и Кјелце, но тимот на Кире Лазаров има натпревар помалку, гостувањето кај Монпелје.
Вардар беше во одличен ритам во првото полувреме, од осмата минута го презеде водството и никако не му го препушти на својот домаќин. По половина од првиот дел го запре нападот на Рајн-Некар цели пет минути и за тоа време направи серија од 3-0, воспоставувајќи едно стабилно водство од три разлика. Душебајев беше одличен во нападот и овозможи „вардарци“ да поведат и да имаат солидно водство, а по слабото издание на Апелгрен домашниот тренер реши да му даде шанса на голот на Борко Ристовски. Македонскиот голман набрзина одбрани неколку удари и му овозможи на Некар Левен да се врати во мечот и на одмор да замине со само еден гол негатива (14-15), откако Ду Риц од над десет метри го матираше Штербик.
Налетот на Рајн-Некар продолжи и на почетокот на второто полувреме. Набрзина постигнаа неколку гола и дојдоа до предност од 18-16. По тајмаутот на Раул Гонзалес Вардар ги консолидира редовите израмни и се до неколку минути до крајот се играше гол за гол. Во самиот финиш домаќините постигнаа два тешки гола, а возврати Горбок со само еден гол на две минути до крајот.
Горбок со седум гола беше најдобар поединец кај „вардарци“ на оваа средба, додека Дибиров и Душебајев по пет пати се запишаа меѓу стрелците. Енди Шмит со десет гола беше најефикасен кај Некар Левен, пред Ду Риц со пет и Менсах Ларсен со четири гола.
Вардар со овој пораз остана на петтото место на табелата со 12 бода, три помалку од водечката тројка на три кола до крајот. Следниот натпревар вардарци го играат на 20 февруари, против Кристијанштад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.