По цели два месеца пауза поради Европското првенство во Полска на почетокот од годината, продолжуваат настапите во ракометната Лига на шампиони.
Македонскиот претставник Вардар по успешните настапи во есенскиот дел од сезоната која одлично ја започна и се наоѓаше на врвот на табелата, имаше неколку лоши резултати кои значеа и пад од неколку места, но сепак сеуште со шанси за висок пласман и кој значи и можност за полесен противник во осминафиналето.
Денеска „црвено-црните“ ги продолжуваат натпреварите и тоа на жешкото гостување во Германија против екипата на Рајн-Некар.
На табелата Рајн-Некар има еден бод предност и победата во таборот на вардарци е императив. Иако со големи проблеми во играчкиот ростер, поради отсуство на неколку стандардни првотимци, пред се македонските репрезентативци Дејан Манасков и Стојанче Стоилов кои се суспендирани од клубот, повредата на Деревен, секако најголемиот пех тренерот Раул Гонзалес го има со отсуството на моторот на тимот, Игор Карачиќ кој мораше да изврши мала хируршка интервенција. Од порано е познато дека пред две недели тимот го напушти ветеранот Блаженко Лацковиќ кој премина во редовите на Кил.
Сепак одличните настапи во досегашниот дел од сезоната во натпреварите во кои иако загуби, Вардар не беше надигран, внесуваат оптимизам кај сите вљубеници на ракометот во нашата држава дека македонскиот шампион може да извлече позитивен резултат од гостувањето кај Рајн-Некар.
Статистиката оди и на страната на „црвено-црните“ кои во трите натпревари одиграни досега со германскиот тим оствари три победи. Во последниот натпревар во Скопје Вардар победи со 25-19 што покажува дека иако е најдобар тим во Германија во моментов, Рајн-Некар не е непобедлив и е шанса со евентуална победа за напад на второто место на табелата до крајот на групната фаза во која остануваат да се одиграат уште четири кола.
До завршувањето на оваа фаза од Лигата на шампионите Вардар покрај натпреварот со Германците имаат тешко гостување во Унгарија против Пик Сегед, а на домашен терен треба да одиграат со Монпелје и Кристијанштад.
Од вчера Вардар се наоѓа во Германија каде веќе одбработи два тренинга во салата „Фрапорт арена“ во Франкфурт. Раул Гонзалес овој натпревар ќе го одигра со 15 ракометари, а во составот е вклучен и Владо Недановски како замена за Дејан Манасков на левокрилната позиција.
Ракометарите се оптимисти и ветуваат беспоштедна битка во сите 60 минути.
Натпреварот почнува во 19.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.