Македонскиот шампион и единствен преставник од нашата држава во АБА-лигата, МЗТ Скопје, пропушти шанса во вчерашниот дуел против лидерот на табелата Будуќност да обезбеди опстанок оваа сезона во регионалното натпреварување. Гостите од Подгорица славеа во самиот финиш од мечот со 72-68 во „Јане Сандански“.
Како и во речиси сите досегашни натпревари во изминатите 23 кола, МЗТ Скопје добро го отвори натпреварот и по првите десет минути имаше предност од десет поени (25-15). Во втората четвртина избраниците на Алек Јончевски не можеа да влезат во посакуваниот ритам. На три минути пред полувремето, капитенот Дамјан Стојановски ги уфрли првите поени во вториот период откако кошаркарите на Будуќност веќе го презедоа водството (29-30).
Во второто полувреме двете екипи беа израмнети и ниту една не направи предност повеќе од четири поени. Натпреварот беше решен во последната минута откако МЗТ поведе со 68-66 со поените на Дреновац, но избраниците на Александар Јончевски не го издржаа притисокот и со поените на поранешниот металец Сеад Шеховиќ, Будуќност дојде до клучната победа која им обезбедува стартна позиција пред плејофот на три кола до крајот.
Марко Љубичиќ беше најрасположен кај „металците“. Плејмејкерот забележа 10 поени, дополнети и со пет скока и две асистенции. Дреновац уфрли 15 поени, Стојановски беше стрелец на 11 поени, а Марко Луковиќ запиша осум поени. За гостинскиот состав, Драгичевиќ уфрли 17 поени, а Мариќ и Шеховиќ постигна по 12 поени.
МЗТ на три кола до крајот се наоѓа на средината на табелата со само една победа повеќе од екипите кои се во зоната на испаѓање. Следниот натпревар македонскиот шампион го игра на жешкиот терен во Задар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.