
Ацо Станковски
Да се потсетиме на култниот филм на Алфред Хичкок – „Психо“, со Ентони Перкинс и со Ким Новак во главните улоги. Големата сила на ова филмско ремек–дело е во неговата вонвременост. Всушност, тоа што се случува со главниот протагонист во филмот е нешто што отсекогаш се случувало или, подобро – што можело да се случи, а овој тип собитие, исполнето со лудило и со манијакална агресија, може да се случи кога било во иднината.
Имено, тука се работи за конфликт на две реалности, едната универзална и сеприсутна, а другата – исфантазирана и крајно субјективна.
Но, таа исфантазираната, која е резултат на еден хиперегоистичен ум, чијашто визија и концепт не поднесува конкуренција, или, подобро – деконструкција и исчезнување, како конзистентна реалност, како вистина за сите, таа подвоена реалност не може да ја контролира својата агресија, која станува убиствена.
Што би рекол Бодријар – за фалсификатот да стане оригинал, оригиналот треба да се уништи.
Исто е и со подвоената реалност на шизофреничната личност. Тука често се случуваат ужасни драми, кога самата исфантазирана реалност на психопатолошкиот субјект станува загрозена од самата универзална реалност и тогаш фикционалната реалност создава манијакални планови за укинување на општоприфатената реалност.
Всушност, две реалности, кои се антиподни по своите карактеристики, не можат да постојат на исто место и во исто време. Зошто вистината е една и не може да има две вистини, за едно собитие и за една реалност.
Тие, што се залагаат за повеќе синхронизирани вистини или реалности во исто време и на ниво на иста свест, се само „филозофи“, кои воопшто не веруваат во својата „филозофија“, туку таа повеќе им служи за реализација на нивните итри опортунистички стратегии. Тука легитимитет имаат само мудрите шамани, кои можат да пловат низ разни димензии, поимајќи ја синхронизираноста на мноштвото реалности со исклучително моќна свест и со огромна отвореност на егото, мистична техника, која ретко кој на планетава знае да ја користи, а да не западне во хаос, од кој нема излез.
Но, ординарните психопати се далеку од овој вид дисциплина и искуство, а нивните сфаќања на паралелните реалности имаат една нативна, речиси анимална карактерна црта, која, секогаш, кога е доведена до збунетост или несигурност, реагира агресивно. За нив има само една реалност, а тоа е нивната исфантазирана реалност, која ја чуваат со невидена посветеност, подготвени и на најапсурдниот чин, каков што е убиството, само за да ја заштитат.
Психо, на пример, ги убива сите тие што ја загрозуваат неговата паралелна реалност. Тој копнее по интеграција, интеракција и соборност, но, кога универзалната реалност ќе ја загрози неговата тајна реалност, тој веднаш го напаѓа сведокот на неговата изопаченост и, воедно, разобличувачот на неговата толку љубоморно чувана, исфантазирана реалност.
Тој не е убиец, кој како мноштвото ловци-социопати убиваат од забава и од задоволство. Убиствата на Психо се со цел, да се сочува неговата креација на реалноста, тој, едноставно, убива, затоа што нема друг начин за да ја одбрани својата жива фантазија, која станала многу посилна стварност од самата стварност во меѓувреме.
Затоа тој не се третира како криминалец, туку како болна личност, на која ѝ треба психијатриски третман во некоја од душевните болници во регионот. Сепак, сите што се запознаени со неговата историја знаат дека тој е многу опасна личност по интегритетот и безбедноста на другите. Затоа душевната болница, во која е сместен Психо, е како најдобро обезбеден затвор.
Реалноста што Психо ја создал е затворена заедно со него, но таа реалност сака да ја наметне својата автентичност и да се самопризнае и самопотврди.
За ваква сериозна операција, при која исфантазираната реалност сака да се наметне како суштинска, потребно е енормно количество моќ и интелигенција.
Најчесто, ваквите ментално болни личности, каков што е Психо, на пример, го поминуваат остатокот на својот живот сосема индиспонирани и исклучени од околината – како зомби. Но, понекогаш се случува ваквите манијакални персони да изградат, колку итри, толку и суптилни стратегии на однесување и да и се измолкнат на општествената селекција, која секогаш ги изолира девијантните субјекти од општествената сцена. Криминалците ги сместува во затвори, а манијакалните луѓе во душевни болници.
Често овие релативно снаодливи и добро прикриени манијаци влегуваат во чудни проекти на организирање на структури, што создаваат политичка моќ. Дури, би рекол дека тоа е единствениот начин да ја наметнат својата реалност врз другите луѓе. И, што повеќе моќ, толку оваа манијакална и исфантазирана реалност станува сѐ посуштинска, поприсутна, помасовна, за на крајот да зацарува целосно со општествениот и политичкиот амбиент.
Зар не беа такви болшевиците на Ленин и на Сталин, или нацистите на Хитлер, па и Југословените на Тито, а, сакале или не, ние мора да признаеме, дека сите овие прототипи на лудило, кое произлезе од нивното наметнување на колективната сцена, се поврзани со колеблив идентитет, со артифициелно создадена идеолошка и концептуална стварност, во која тие беа поставени како култови, како божества или како творци на една персоналистичка реалност, која се наметна над сите потискувајќи ја таа универзална реалност, од која произлегува сѐ.
Но, каде е тогаш лудилото, се прашувате?
Лудилото е осведочено со десетиците милиони жртви, чијашто реалност, по себе, ја загрозила исфантазираната реалност на сите овие манијаци и убијци, кои некако успеале да дојдат до позициите на ултимативен општествен диктат.
Затоа, секогаш треба да се биде внимателен со лудилото на непопустливата субјективност.
За жал, ние денес гледаме едно такво групирање на ментално болни личности во најголемата опозициска партија. Нивните симптоми на длабока душевна нарушеност се евидентни и за најаматерските психолози. Затоа, треба што поскоро на овие болни луѓе да им се даде соодветен азил во нашите душевни болници и за сето ова да се ангажира сиот психијатриски потенцијали во државава.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


