| четврток, 6 декември 2018 |

Медиумите и јавноста имаат право да знаат за работата на Јанева

akt163-Katica-Janeva-1

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Никој не смее да ја оспори борбата против криминалот, без разлика дали се гонат политичари, функционери, опозиционери или кој било друг тип криминалци во државата, но институциите мора да ги убедат и судот и јавноста дека тоа го прават непристрасно и со строго почитување на законите. Ова особено треба да го има на ум Специјалното обвинителство, чиј легитимитет е сериозно оспоруван уште од своето формирање, се разбира, ако има намера да го оправда своето постоење и да ја заслужи довербата на граѓаните. Евентуалното силување на законите, кршењето на човековите права и импровизациите во начинот на собирање докази во ниту еден случај не смее да се користат како механизам за пресметка со лицата под истрага, не само поради недовербата што се создава во јавноста, туку и пoради реалната опасност предметите да паднат на суд, а потенцијалните криминалци да се извлечат од одговорност поради пропусти во истрагата.

Токму затоа, наместо да ја информира јавноста каде го минала слободниот викенд, Катица Јанева мора поскоро да приложи аргументи со кои ќе ги отфрли сомневањата за нејзината пристрасна и непрофесионална работа. А има повеќе прашања. Од случајот „Пуч“, преку скандалозното разрешување на две обвинителки, до кривичните пријави за малтретирање на сведоци и нудење поткуп…

Тоа што дополнително внесува сомнеж во нејзината работа е пристапот на одредени опозициски експерти кои, без двоумење, даваат бланко поддршка за евентуално кршење на човековите права од страна на специјалните обвинители сметајќи дека „во вакви услови не може да се дојде до податоци за малверзациите на политичарите на легален начин “. Ако е така како што тврдат „адвокатите“ на Јанева, тогаш фокусот на дејствувањето на опозицијата (која, нели, се бори за демократски промени) би требало да биде во затворањето на дупките во законите кои им овозможуваат на политичарите слободно да пливаат во матни води, а не во одобрување на незаконски дејства на органите на прогон и влегување во непотребна пресметка со медиумите кои бараат транспарентност од специјалната обвинителка.

Вака опозицијата и нејзините гласноговорници испраќаат порака дека законите треба да важат за сите, но не и за нив (вклучително и за нивните сателити). Тоа значи, и понатаму ќе се плука по обвинителството дека е корумпирано и под влијание на власта, но ако специјалното обвинителство незаконски работи во нивен интерес, ќе му се прогледува низ прсти и ќе се охрабрува да „гризе“ што е можно повеќе за случаите во кои се осомничени функционери од власта. Ќе се признава судот кога ќе суди и ќе донесува пресуди во интерес на опозицијата, но не и кога опозиционерите се обвинети. Во меѓувреме, медиумите се највиновни за ситуацијата затоа што вршеле притисок со прашања и со објавување на неофицијални информации од истрагата.

Во спроведувањето на нивната стратегија, очигледно, проблем се медиумите што не се под нивна контрола, па решението го гледаат во закон со кој ќе се забрани коментирање и изразување став – за непочитување на законот ќе следуваат казни и затворање медиуми.

Ако така ги гледаат демократските промени, тогаш стратегијата може да ја надградат со неколку дополнителни законски решенија по моделот „хибриден закон за ставање ред во медиумите“, кои освен новинарите ќе ги регулира и специјалните обвинители, но и политичарите, со образложение дека „ова е Македонија и затоа не може да се примени ниту еден европски закон“. Така, со построги и попрецизно регулирани законски решенија од европските кои би важеле само за Катица Јанева и за нејзиниот тим, јасно и гласно би ѝ се дозволило да прави сѐ што ќе ѝ падне на ум, под услов да поднесе кривична пријава против функционери од власта пред избори. Во исто време, би им се забранило на медиумите да ѝ поставуваат прашања на кои таа нема логичен и издржан одговор.

По истиот принцип би можело да се подготви закон со кој уште попрецизно ќе се дефинираат правата на политичарите со кои ќе се дозволи тргување и манипулирање со нелегално прислушувани телефонски разговори, насилно уривање на државниот поредок, соработка со странски служби за преземање власт, ширење говор на омраза и закани и напади врз новинари и медиуми, примање и давање поткуп… Така лидерот на опозицијата конечно ќе може да каже нешто искрено без да мора да се демантира.

Но, колку и да сонува некој дека сето ова може да биде вистина, се лаже. Медиумите имаат право да се сомневаат, а Катица Јанева има обврска да одговори на поставените прашања и да докаже дека се неосновани. Во спротивно, како и секој друг, ќе мора да одговара пред законот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top