Кога во една порелевантна политичка партија, елитните или, ако сакате – поoграничено и технократски – раководните позиции се окупирани од мафијашко здружение, составено од релативно итри и амбициозни персони, кои во целата своја острастеност и аморал ги остваруваат своите цели по секоја цена, тогаш беспоговорно општиот политички амбиент станува – криминален.
Дури и сите други политички партиципиенти во општеството да се сосема беспорочни, што, се разбира, е далеку од можностите на политичката борба, сепак, дури и во таа идеалистичка верзија, кога сите други се чесни и совесни, а една помала група играчи на политичката сцена играат според правилата на подземјето, тогаш целата сцена се инфицира од овие неми влијанија, а општествената конфигурација е заразена од криминалот.
Тогаш сите конструктивни и беневолентни фактори во општеството мора да се стават во служба на лекување на политичката заедница од ужасната криминална болест што задушува, исцрпува, иритира, малтретира и ни го претвора животот на сите нас во едно морничаво преживување исполнето со стравови и со неизвесност.
Но, деструкцијата е секогаш поефикасна во создавањето хаос, отколку доблесниот обид за поправањето на деструираните структури на која било хармонија, па и општествената.
Затоа, задачата што им претстои на тие ентузијасти во политиката, кои сакаат да играат според етичките правила на менаџирање на општествените моќи, во правец на креативност и грижа за граѓаните и со силна детерминираност да се поправат состојбите на политичката сцена, ќе биде многу, многу тешка, ако не и неможна.
Секако, доколку позициската коалиција продолжи со тактиката на пермисивност, која, во најмала рака, буди чувство на контрадикторност кај неутралниот набљудувач.
Од една страна, оваа тактика на попуштање или дефанзива обезбедува одреден општествен мир, но, од друга страна, политичката мафија, концентрирана во врхушката на опозицијата, сѐ повеќе и повеќе се забива во легалните институции и почнува да произведува нови, паралелни квазиинституции, кои со своето дејствување создаваат сѐ поголем и поголем хаос во општеството, водејќи го до нивото на блокираност и на нефункционалност. Згора на тоа, во име на своите поддржувачи, околу 280.000 на број, според последните избори од 2014 година, ја инволвираат „меѓународната заедница“, всушност, неколку колонијални сили како САД и Велика Британија и нивните верни трабанти, кои не се ни вредни за споменување и ги викаат на помош за да ги спасат своите лојални и слободољубиви „стада“ од „фашистичките легиони“ на „македонскиот Фирер“, кој само што не ги депортирал во новоизградените концентрациски логори, каде што ќе бидат систематски екстерминирани во „гасните комори“ на проектот „Скопје 2014“.
Никако не верувам дека искусните и добро едуцирани дипломати од кариера не ја знаат вистината за македонските општествени состојби, но, како што гледаме, тие се прават крајно недоветни, небаре се зелкари од соседните ниви, со еден добро одглумен израз на наивност и на заинтересираност на безгрешни деца.
Тоа е една од најуспешните тактики на англо-американската неоколонијална агресија врз сите тие општества, кои сакаат да дејствуваат во согласност со своите најдлабоки пориви и највитални интереси.
Обично, светскиот полицаец и кодош не се согласува со автентичната волја на многу држави и народи, за кои смета дека, по логиката на моќта, треба да му бидат робови и слуги покорни.
Лошиот, пак, углед во светот што го имаат Вујко Сем и неговиот батлер – Велика Британија, не секогаш дозволува брутална интервенција и затоа тие неретко пристапуваат кон една, колку перфидна, толку и суптилна тактика за остварување на својата доминација.
Коренот на таа итра, тајна и деструктивна игра е во корупцијата. Најлесно е да се корумпираат криминогени персони, криминалци, чијашто есенцијална дејност е токму корупцијата.
За еден криминалец корупцијата има вкус на добар и на чист бизнис. Сѐ додека нема кршење глави и сечење прсти, сѐ додека не штркаат млазеви крв на сите страни и додека нема крвави вирови низ кои треба да се поминува, сѐ дотогаш, за психопатолошките карактери – главните актери на криминалната сцена, сѐ дотогаш, аморалниот коруптивен бизнис е бизнис – бонбона.
Ова е полесниот дел од работата на, таканаречената, „меѓународна заедница“, да се најдат корумпирани луѓе, фактички, криминалци, кои ќе бидат внимателно внесени во редовите на партиите, за оттаму да дејствуваат на повик.
Тешкиот дел доаѓа допрва, но и тоа успева поради големото незадоволство и фрустрација, која е присутна кај сите категории губитници, а посебно овој феномен на повредена суета и желба за одмазда е присутен кај губитничките политички партии.
Дури и да не сте неколку дена на власт, а пред тоа сте владееле, веќе почнува да се појавува ужасна криза, слична како кај наркоманите. Големата анксиозност, страв и секакви други тегоби, од депресии, па сѐ до манијакални хистерии, ги разоруваат чистата свест и етичката нарав на политичките протагонисти од опозицијата. Во тие моменти, сите овие депресивни губитници се подготвени на сѐ, само за да се дограбат до власта. За оваа цел, тие се подготвени околу вратот да го стават ропскиот оглав и да ветуваат сѐ и сешто, само за одново да дојдат до лостовите на моќта и да почнат со својата долгоочекувана вендета.
Така, странските разузнувачи почнуваат со својата регрутација на криминалци, нивно вметнување во рамките на опозицијата, а, потоа, почнува да се разработуваат разни планови за детронизирање на владејачката коалиција.
Овие тенденции ги гледаме веќе со години, а сите тие планови за преземање на власта пропаѓаа, и, во согласност со веќе долгогодишното губитништво, фрустрациите и омразата, стануваат сѐ поголеми и поголеми. Конечно, сценаристите од „меѓународната“ стануваат многу нервозни и во играта ги вовлекуваат најноторните криминалци, а методите на политичката борба добиваат кодошко-мафијашки димензии.
За кодошењето се задолжени шпионите од „меѓународната“, а за лажењето, глумењето жртви, подмитувањето, лигавењето и правењето неред, тука се сите тие криминалци, кои во меѓувреме ги зазедоа водечките позиции во опозициските партии.
Во секој случај, овие ортаци – „меѓународната“ и криминалците од опозицијата, би успеале во својата намера, но чудната тактика на попустливост на власта како да го амортизира нивниот удар и тие потонаа во структури, премногу комплексни и слоевити, со кои владее токму самиот народ.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.