Најдобриот светски тенисер Србинот Новак Ѓоковиќ одлично ја започна новата сезона триумфирајќи на првиот грен-слем Австралија Опен. Тој во финалето без поголеми проблеми славеше со убедливи 3-0 (6-1, 7-5, 7-6) над вториот светски рекет Енди Мареј и ја освои шестата титула на терените во Мелбурн.
Тоа воедно беше и 22 победа на Ѓоковиќ над лутиот ривал и сега води во меѓусебните пресметки со 22-9. Со триумфот над Британецот, српскиот ас напиша нова тениска историја. Тој ја освои шестата титула и стана најтрофејниот активен тенисер во Мелбурн и воедно првиот тенисер кој успеал да дојде рамо до рамо со Рој Емерсон, австралискиот тенисер кој од 1961 до 1967 година освои шест титули на Отвореното првенство во Австралија.
Исто така, Ѓоковиќ ја освои 11-тата гренд-слем титула, со која на „вечната листа“ застана рамо до рамо со Бјерн Борг и Род Лејвер. За српскиот ас ова беше четврта победа над Енди Мареј на гренд-слемот во Австралија. Претходно, Британецот „паѓаше“ во завршната битка во 2011, 2013 и 2015 година.
Српскиот тенисер фантастично го отвори финалето и првиот сет го доби со убедливи 6-1, на експресен начин. Но, потоа Енди Мареј успеа да ја подобри својата игра. Во вториот сет се играше многу подолго, а сепак Ѓоковиќ го доби со 7-5 во гемови.
Новак Ѓоковиќ обезбеди брејк и во третиот сет, но Мареј возврати, па се играше тај-брејк. Но, во него Србинот беше доминантен, стигна до предност од 5-1 во поени, и потоа рутински го компетираше, за 7-6 и триумф од 3-0 во сетови, и шести трофеј на Австралија Опен.
Наредниот гренд-слем турнир е Ролан Гарос, кој на програмата е од 22 мај до 5 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




