| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ треба да се извини

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

 

СДСМ треба да му се извини на македонскиот народ. Да се извини за негативната политика, за манипулативната реторика, постапки што ги практикува со години. Во своето вознемирувачко однесување, водствата на оваа партија забораваа/т дека манипулациите кога-тогаш се откриваат, а последиците се неизбежни; само темелни промени можат да ја поправат „состојбата”, а извинувањето е иницијална постапка од процедурата за враќање на довербата…

Со постојано нови и нови погрешни и нелогични потези, СДСМ во континуитет им ја „освежува” меморијата на граѓаните за сите свои недоследности низ времето, а воедно создава револт и кон сопствената партија. За да опстане на политичката сцена како релевантен фактор, СДСМ треба да се извини за самоволијата што ги наметнува, за штетата што ѝ ја нанесува на Република Македонија, независно од својот политички статус.

СДСМ треба да се извини поради негрижата кон државата и кон граѓаните; по своето владеење не остави препознатлива вредност зад себе. Речиси никаков развој, инвестиции, напредок на општеството. Го раскрчми државниот имот, ги узурпира заедничките добра. Повеќе од 200.000 граѓани ги загубија работните места и егзистенцијата, им ги уништи надежите за подобра иднина. Сега од партијата велат – ќе ја враќале средната класа; таа што ја запустија…?

Треба да се извини поради сиромаштијата во која нè држеше!; можеби и сега не сме богати – ама, побогати сме, позаштитени од државата. СДСМ никогаш не ги отштети граѓаните за одземените имоти, ниту за загубените заштеди во пропаднатите штедилници, во „нивно време”.

СДСМ должи извинување и поради многубројните нерационални постапки. Во деведесеттитете години на минатиот век изврши предвремено пензионирање (на шеесетгодишна возраст) на цела генерација угледни професори, стручњаци, доктори на науки; направи „сеча” на врвни кадри во медицината, стоматологијата, ветерината – веројатно и во други сфери; на медицинскиот и на стоматолошкиот факултет, на пример (не знам дали и во други ВОИ се случи ова), со т.н. „акција” за вработување внесе (и) кадар без потребниот критериум за ангажман /работен/ во вакви врвни, наставно-научни (и здравствени) установи; за последиците денеска расправаат… обвинувањата погрешно ги адресираат…

СДСМ треба да се извини за создавањето политички кризи и психоза на несигурност во државата. За вулгарната, бескрупулозната дискредитација на неистомислениците и на политичките конкуренти, за бесрамната девалвација на нивниот углед и достоинство.

И за злоупотребата на туѓите несреќи заради политички поени… треба да се извини. Стразбур ја отфрли манипулацијата со случајот на Мартин Н., германска реномирана компанија ја разоткри манипулацијата на техничкиот министер (Спасовски) со возачкитe дозволи… Само „нема кој” да ја демантира нивната фабрика за афери – „фабриката за производство” на компромитирачки документи, лажни лични карти, пасоши – сите наменети за дискредитација на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ стана познат по барањето вонредни избори и откажувањето од нив. Така е и овој пат. Го доби/вме Пржино и 24 април, а тој пак не е задоволен. Пак се пишмани… Како детето од вицот… – кога го прашале зошто плаче, рекло – загубив денар; му дале денар, се смирило за миг, и пак почнало да плаче, овој пат уште посилно. На прашањето зошто пак плаче, одговорило – затоа што не реков „банка” (десет денари). Така и СДСМ, поточно нивниот лидер. Наметна предвремени избори, а сега прави сè за да ги одложи. Манипулира со аргументите – постојано ги менува барањата и забелешките. Избирачкиот список бил непрочистен – а го раководи ДИК, чијашто обврска е токму организирањето (и спроведување) на изборите, вклучувајќи го и законското ревидирање на избирачкиот список. Незадоволен од медиумската регулатива, ама не прифаќа европски стандарди. И понатаму продава – и ветар, и магла!

СДСМ треба да им се извини на граѓаните!

Поради Пржино, поради Специјалното јавно обвинителство; поради девалвацијата на институциите на Република Македонија. Да се извини и да почне конструктивно да работи. Да ги увери граѓаните дека „минатото ќе биде минато”, а интересите на народот и на државата ќе му бидат во преден план! За тоа ќе му треба долготрајна, макотрпна работа… можеби и некоја нова генерација политичари…? Дали ќе успеат во тоа до следните, редовни избори, кога и да се – зависи само од нив!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top