Пренесувајќи ги првите впечатоци по разочарувачкиот крај на Европското првенство во Полска, капитенот Кире Лазаров го оцени како неуспешен нашиот настап на собирот на најдобрите на Стариот континент.
– Потфрливме на ова ЕП, ако се сумира мислам дека ова е за нас неуспешен настап. Ако знаеме дека минатата година стигнавме до 9. место на СП во Катар со четири победи и два порази, сега имаме четири порази и две ремија што дефинитивно е неуспешно. Некако размислував и пред овој натпревар со Белорусија, знам дека впечатокот ќе беше поинаков ако победевме. Но, дали ќе беше тоа вистинското? Мислам дека победата над Белорусија само ќе беше една маска за генералниот неуспешен наш настап на првенството – истакна Лазаров по мечот, дополнувајќи дека сепак не чека голем предизвик со квалификацискиот турнир за ЛОИ 2016, треба добро да се анализира понатака и нешто да се менува.
– Треба една добра анализа, но со ладни глави, а не сега веднаш по еден ваков натпревар. Треба да се лоцираат вистинските слабости во селекцијата и сето тоа да се корегира до април – додаде македонскиот капитен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.