| четврток, 6 декември 2018 |

Обврските од Пржино без алтернатива

zaev

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

И покрај тоа што сите четири партии што се дел од Договорот од Пржино декларативно се обврзаа за целосно исполнување, сè уште во одредени опозициски кругови се заговара парадоксална теза дека договорот е мртов или треба да биде прогласен за таков само затоа што изборите биле закажани на денот што уште од самиот почеток беше определен од страна на сите лидери.

Дали СДСМ ќе го почитува договореното, или ќе остане на одлуката да не оди на изборите закажани на 24 април, ќе дознаеме наскоро. Но, и покрај цврстиот став (во овие моменти) на нејзиното раководство да не се прифати датумот, постои причина да се надеваме дека, сепак, може да го прифати предизвикот. Оптимизмот произлегува од поддршката на Брисел за спроведување кредибилни избори, но и од неиздржаноста на опозициските аргументи според кои е невозможно да се прочисти избирачкиот список и да се овозможи рамноправен третман во медиумите во определениот рок.

Како прво, ако на сите ни е јасно дека исполнувањето на обврските што произлегуваат од договорот немаат алтернатива, тогаш нејасно е зошто политичката дебата не се води во насока како да му се помогне на ДИК за да се заврши навреме прочистувањето на избирачкиот список, туку главната тема на дискусија е „за колку месеци треба да се одложат изборите“.

Ако опозицијата имала процена дека времето за прочистување на избирачкиот список треба да се одолжи дури до септември (што значи дека на ДИК би му биле потребни повеќе од пет месеци за да ја заврши работата), тогаш прашањето е зошто опозицијата уште летоска не постави ултиматум новиот состав на ДИК да се изгласа во исто време со специјалната обвинителка? Во тој случај списокот досега ќе беше прочистен, а граѓаните ќе имаа шанса што поскоро да го кажат својот збор.

Сега, место да лицитираат со датуми, подобро е да се погрижат да си го почитуваат дадениот збор.

Второ, сите тие опозициски „стручњаци“ и „аналитичари“ што заговараат „повторување на 17 мај“ алудирајќи на протести и на насилства како контрамерка на одлуката за избори на 24 април, треба да бидат свесни дека ѝ прават само дополнителна штета на државата, но и на партијата. Ако опозицијата продолжи да чекори по тој пат тогаш резултатите ќе бидат уште покатастрофални од сега. Народот одамна го отфрли тоа сценарио како опција.

Трето, опозицијата не може да се сфати сериозно дека бара демократизацијата во медиумскиот простор сè додека поддржува медиуми што водат црни кампањи против сите неистомисленици на раководството, вклучувајќи ги и тие со проопозициски ставови. Првите луѓе во СДСМ немаат право да се жалат на медиумска изолација бидејќи самите се доведоа во таква позиција еднострано одбивајќи ја соработката со сите медиуми што не се под нивна контрола. Само за потсетување, неделникот „Република“ уште од првиот број води политика на давање простор за промоција на различни ставови за различни општествено-политички прашања во државата. Од тие причини, редовно одвојуваше простор и за претставници на опозицијата. Неделникот во ниту еден момент не го променил ставот за ова прашање, а, во исто време, од ниту еден соговорник со проопозициски ставови немало забелешка на третманот. Сепак, повеќе од една година раководството на СДСМ не само што целосно го бојкотира нашиот медиум, туку и им забрани каква било комуникација на сите свои членови без претходна консултација. И покрај сите неиздржани притисоци и обвинувања од опозицијата до медиумот, неделникот останува отворен за соработка. Сѐ уште се валидни поканите за интервју до целото раководство на партијата, на кои до ден денес немаме добиено никаков одговор.

Место вината да ја бараат во „предавството на стратегиските партнери“, за опозицијата е најдобро да покаже дека искрено сака да придонесе во надминување на пречките за спроведување фер избори, кои ќе бидат признати од сите засегнати фактори. Тоа е идеалната опција за опозицијата во моментов, со што би покажале дека грижата за иднината на државата е реална, а не само изговор за исполнување на своите лични цели.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top