Андон Дончевски е човек од кого Македонија можела многу да научи. Тој е новиот спортски амбасадор благодарејќи на успесите што ги имал во кариерата и како играч и како тренер. Најголемите успеси на Вардар и на македонската фудбалска репрезентација се врзани со неговото име.
Најголемите успеси на репрезентацијата на Македонија и на првиот селектор по осамостојувањето се врзани токму со името на Чичко Дончо. Златната генерација на Вардар беше под водство на Дончевски.
Дончевски: Ќе се надоврзам на вашите зборови. Јас сум еден од последните Мохиканци,што се вели во фудбалот,и учесник во сите значајни, престижни постигнувања на Вардар, а подоцна,секако, и со фудбалската репрезентација на Македонија. Во 1961 година бев учесник во освојувањето на Купот на Југославија со Вардар, потоа, во 1986 и во 1987 бев на чело на онаа златна генерација на Вардар и според резултатот и според достигнувањата, бидејќи бевме шампиони во СФРЈ. Некој сакаше со политички игри да му ја одземе заслужената титула на брендот на македонскиот фудбал. Политичките игри во тоа време беа толку силно застапени во фудбалот и пред сѐ, во спортот, што подоцна придонесе и за расформирање на државата која беше страв и трепет за сите во светот, се разбира на спортски план. Малверзации што се случија таа сезона, УЕФА и ФИФА не ги прифатија и по легитимен пат го прогласија Вардар за шампион на поранешната држава. Следствено на тоа, Вардар следната сезона играше во Купот на Европските шампиони со трикратниот европски првак, Порто. Тоа беше нашата сатисфакција бидејќи бевме признаени како прваци на државата. Пехарот сѐуште е во витрините на Партизан кој не го дава, но мора да се случи такво нешто, да се стапи во контакт со управата на клубот од Белград и да се исправи таа неправда.
Може ли да се направи паралела меѓу репрезентацијата на Македонија од осамостојувањето и оваа сега? Тогаш работевте со големи фудбалски имиња кои беа познати и признати во светот: Панчев, Најдовски, Савевски, Стојковски, Ѓуровски и ред други.
Дончевски: Па да ви кажам, во однос на резултатот неможе да се споредуваат настапите на репрезентацијата што ја водев и оваа сега. Повеќето фудбалери што добро ги познавав беа од Вардар, но во репрезентацијата имав и играчи од другите клубови од внатрешноста на Македонија и интернационалци, кои беа фантастични играчи. Прво, атмосферата меѓу нас беше фантастична. Од мене ќе почнам. Бев воодушевен од тоа што ме назначија за селектор. Имавме макотрпен пат, преку трње одевме. Околу селекцијата, околу фудбалерите, околу концепцијата, околу патувањата и опремата. Немавме никакви услови. Немавме ни дресови за репрезентацијата, а сепак, сите бевме сложни и сакавме да ја поставиме нашата репрезентација на некои европски патеки. Немавме ни средства, ниту добивавме плата за таа работа. Шест месеци работевме без денар за да ја оформиме репрезентацијата што настапи со големи европски признати ѕвезди, кои,секако, беа скромни и посакуваа да настапуваат за својата земја. Тоа не беше пречка ентузијазмот да се задржи кај фудбалерите. Јасно беше дека тоа е еден од начините да изградат и меѓународни кариери и да напредуваат во европските клубови. Наидувавме на пречки во тоа време. Не ни беше дозволено да играме пријателски средби. Подоцна ни дозволија, но со специјална дозвола од УЕФА. Така,екипата почна да се комплетира. Мора да се спомне и првиот историски натпревар во Крањ против Словенија. Отидовме таму да ѝ покажеме на Европа дека и Македонија има јунаци, дека има фудбалери кои се кадарни да бијат битка и во Европа. Дојде и тој прв официјален натпревар со Данска на градскиот стадион во Скопје. Одигравме 1-1, а можевме да победиме. Почнавме со голот на Митко Стојковски, но потегот што го направи Панчев во 47 минута и добивањето на црвен картон беше крајно непрофесионален. Репрезентацијата што допрва требаше да покажува дека има квалитет, мораше да игра цели 43 минути со играч помалку. Примивме гол во 86. минута. Бевме задоволни од резултатот, но мора да се нагласи дека ентузијазмот со реми или со победа е различен. Имавме сопки на секој чекор. Притисоци и од јужниот сосед и од УЕФА и од ФИФА. Не ни дозволуваа да го слушаме интонирањето на химната пред почетокот на натпреварите што ги игравме на гости и да ни се вее знамето. Биевме битка на чело со мене. Не сакавме ни да играме на тие натпревари. Посебен случај беше во Белгија. Имавме притисоци од сите страни. Без химна, без знаме. Дури и нѐ казнија со играње на домашен терен без публика. Немаше стимул, немаше кој да ги подигне играчите од трибините. Се случи поразот во Скопје од Белгија. Не завршивме на местото на кое заслужувавме. Во спортот е така, амбициите и желбите се едно, а резултатите се друго.
Сепак, и по таквите резултати,наоѓавте начини да ги бодрите фудбалерите.
Дончевски: Тоа има една заднина. Репрезентативците што доаѓаа од ФК Вардар беа подготвени така да настапуваат. Кога во 1986 година ме поставија за главен тренер на Вардар со моите помошници, великаните Кочо Димитровски и Мето Спасовски, на тогашниот претседател Стојан Чамински му предложив да направам дигресија. Многу од фудбалерите не знаеја кој е Даме Груев, кој е Јане Сандански, Гоце Делчев, Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров и ред други, а учеле за Франце Прешерн од Словенија и го знаеја Август Шеноа. Му предложив да ми дозволи да ги земам сите фотографии од нашите револуционери и да ги закачам во соблекувалните во клубот. Сметав дека сме задоени со туѓа историја, а својата не ја знаеме. Ги прашував кој војвода од каде е, што правел, за што се борел. Тоа беше начинот за кревање на моралот пред тренинг и пред натпревар. Секој фудбалер го поврзував со некој револуционер. Илија Најдовски беше поврзуван со Питу Гули. Дури и така го ословував. „Ајде Питу, да ја видиме твојата јунаштина“. И со другите истотака. Гоце Делчев стоеше на вратата. Им кажував дека тие тогаш биеле битка за Македонија, сега ние биеме битка. Во минатото бевме среќни кога ќе загубевме со 3-4 гола разлика. Дури и пеевме песни, дека не сме примиле повеќе. Кога дојдов на чело на Вардар, реков дека не може повеќе така и дека одиме на натпревар за да победиме. Затоа и кога настапувавме со големата четворка од СФРЈ (Партизан, Црвена звезда, Динамо Загреб и Хајдук) имавме позитивни резултати и на гостински терени. Тоа е еден од показателите дека се движевме во добра насока. Начинот на кревање на моралот го пренесов и во репрезентацијата. Владееше големо другарство. Многу ни помогна и пријателскиот натпревар против Албанија, кој се одигра во Тетово и каде што победивме со 5-1. Моралот беше на многу високо ниво. Сите беа единствени, послушни. Јасно е дека една од главните причини за добрите резултати е колективниот дух.
Има ли ова раководство капацитет да ја врати нашата репрезентација на патеките на успехот на кои и реално припаѓа според квалитетот?
Дончевски: Јас мислам дека има. Јасно е дека во секоја репрезентација има осцилации. Во моментов Македонија не постигнува резултати какви што посакуваме. Влијаат многу моменти. Меѓутоа, јас не сметам дека оваа репрезентација ќе се закове на ова место на кое е сега. Овој темен облак ќе помине и добрите резултати допрва ќе дојдат.
Деновиве е актуелен некаков иницијативен одбор за спас на македонскиот фудбал. Започна доста бомбастично, и зад него се потпишани големи фудбалски ѕвезди и имиња. (Панчев, Најдовски, Димитровски, Томовски). Од кого тоа треба да се спасува македонскиот фудбал?
Дончевски: Подобро членовите на тој иницијативен одбор за спас да си ги спасат душите,затоа што се на погрешен пат. Таа акција ја водат луѓе кои не се кадарни да дадат поголеми резултати, а први се да критикуваат. За мене е несфатливо како може дел од тие луѓе да наседнат на некои лични амбиции, кои се иреални. И од тоа што го гледам и на социјалните мрежи и од тоа што многумина ми го кажуваат,чесните фудбалери што ѝ мислат добро на репрезентацијата и добро на Македонија, даваат деманти. И Кочо Димитровски и великанот Рингов. Таму се пишани луѓе кои не чуле за тој некаков одбор. Многумина кажуваат дека не е вистина и дека нивните имиња се злоупотребени. Нема потреба никој да го спасува македонскиот фудбал.Резултатите ќе дојдат. И јас сум губел натпревари, но секогаш сме оделе понатаму. Што правиме ако по секој изгубен натпревар бараме жртва и сечеме глави? Кој ќе се нафати да работи таму ако вака се прави? Затоа мислам дека тој иницијативен одбор за спас на фудбалот не е на место. За мене е малку смешно и крајно некоректно некои си периферни луѓе да се јавуваат како спасители на репрезентацијата и на македонскиот фудбал. Зошто дел од тие великани не покажале резултати, па самата јавност од нив да побара да влезат во федерацијата и да продолжат со резултатите? Генералите добивале чинови на терен, на бојното поле, а не во бункер.
Се работи ли доволно на подигнување на квалитетот на младинските школи?
Дончевски: За тоа имам посебно мислење. Добро е да се работи со младинците. Но прашањето е колку стручно се работи. На пример, ако работиш со 200 деца, а излезат само две квалитетни, тоа е лошо работење на тренерот и на тој што треба да ја контролира работата. Ако имаш 40 деца и излезат 4-5 врвни фудбалери, тоа е веќе добро работење, квалитетна стручна работа. Не треба да се манипулира со бројот. Треба стручно да се усовршат сите тренери во младинските школи низ цела држава. Тренерите треба да ги тренираат децата, да ги водат, да ги воспитуваат, да ги контролираат. Тоа е голема обврска. Нема поставување тренери и селектори по пријателска линија. Ќе се упропастат многу генерации. Мора и тренерите да бидат самокритични, ако нема резултати според договорените работи на почетокот, тогаш треба да си заминат. Со изродување на млади деца, може да се постави добра основа за квалитет во сениорските екипи. Тие што посакуваат настап на големите натпреварувања, мора да имаат и одлична младинска школа.
Деновиве, кога Македонија доделува признанија и награди на успешните спортисти, Владата на Република Македонија не го заборави ниту Андон Дончевски. Премиерот Никола Груевски му додели признание за спортски амбасадор на нашата држава. Вие спомнавте дека тоа е најголемата почест што ви е доделена. Ќе продолжите ли со активното работење и со презентирање на македонскиот спорт во Австралија?
Дончевски: Тоа што нашата држава го направи за мене е најголемото признание што сум го добил во животот. Македонија не ме заборави, многу сум му благодарен на премиерот Никола Груевски. Тој е спортски човек, знае да препознае големи величини. Нема поголема сила што може да ги обедини Македонците во Австралија од фудбалот. Кога пред повеќе од 25 години заминав таму, со Македонија Престон успеав да стигнам до четвртото место на табелата, иако претходно клубот бил закован на дното. Има многу млади Македонци што сакаат да играат фудбал. Се борат за место во тимовите. Македонецот можеш да го учиш и да го натераш да го дава максимумот. Успеав да ги обединам сите. Да навиваме за македонските играчи и клубови. Стадионите се полни. Младите сакаат да играат и за националниот дрес. Тоа е еден од показателите дека преку фудбалот ги обединуваме Македонците. Секогаш сум отворен за соработка. Дури им се обратив и на луѓето што ги водат македонските клубови. Викнете ме, ќе ви помогнам, секако, колку можам и знам. И теоретски и на теренот.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Интервјуто со Андон Дончевски е објавено во 175. број на неделникот Република, 8.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Легендите на иста фотографија – Фергусон и Дончевски
-
Врачени државните награди за придонес во спортот: Андон Дончевски добитник наградата за животно дело „8 Септември“
-
Чичко Дончо ги окуражи фудбалерите : Не се плашете, не се тие непобедливи, ние ги победивме со 5:1
-
Четири великани на македонскиот спорт денеска добија плакети за спортски амбасадори на Македонија