Мондијалистите во својата многудецениска борба за воспоставување на монокултурен свет (естетиката на плутократските инвестиции во културата и глобалната политичка моќ), знаат дека единствен фактор за преземање на планетарната моќ е во дисеменција на нивните културни парадигми. Тоа е најсуптилната и воедно најтемелната колонизација на таргетираните народи и држави.
Воената моќ е само гарант за сигурноста. Битно е колонизираните маси безосетно (преку суптилни дозирања на корупција и стрес) да транзитираат во однапред подготвениот систем на вредности кој ќе гарантира долгорочна контрола на зомбифицираната културна свест.
Затоа најкарактеристичен аспект на една колонијална средина е поразителното отсуство или деградација на културните институции (музеи, театри, споменици, културни центри, филхармонија, балет) како и едвај живата или непостоечката слободна уметничка сцена.
Со други зборови, колку е послаба државата, толку е побезначајна слободната уметничка сцена, ако воопшто и може да постои во такви услови. Кога државата пропаѓа и се руши, тогаш и слободната уметничка сцена исчезнува и нејзините протагонисти стануваат дел од општиот хаос. Но ова не значи дека во овие услови престанува уметничката продукција. Можеби таа е редуцирана до алармантни димензии, но уметноста не престанува, онаа вистинската уметност како и духовните вредности никогаш не исчезнуваат од историската сцена.
Ова е секако најлошата вест за глобалистите и нивните лукративни слуги обеспособени за слободна промисла и креативен вознес, иако бескрајно амбициозни во овие за нив недостапни сфери за човековата духовност.
Но оваа навидум дискриминација на импотентните во креативен смисол – мундијалисти, е всушност само ноторна вистина изродена од самиот систем на вредности што претходната генерација мундијалисти го воспостави продирајќи преку моралистичката демагогија до тоталитарно воспитаните маси преку кодот – другар, друже, егалитет… и секако преку втерување на нови моралистички–социјални вредности насекаде, во сите пори на културно–уметничкиот живот и прогонувајќи ги воедно естетските вредности од нивните веќе традиционални позиции. Тоа за нив е авангардистички пристап, дух на времето, а не корпорациски диктат.
Во вакви услови на стеснети простори на делување и од надвор и од внатре (со квазиреволуционерна демагогија), слободната уметничка сцена треба да влезе во нови параметри на дејствување. Најпрво, треба да се направи сеопшта исцрпна анализа на состојбите, а потоа да се изнајдат нови автентични позиции за креативна продукција и идеолошка едукација. Треба да се распуштат старите и веќе окупирани од страна на лобалистите – бастиони, и целата слободна уметничка сцена да се регрутира во помали оперативни ќелии кои ќе дејствуваат наспроти глобалистичките интереси, воедно поврзувајќи се во сеопшта антиглобалистичка мрежа чии главни принципи ќе ги заговараат посебните интереси на мноштвото автентични култури – нивниот однос кон општеството и културните вредности, интересите на индивидуалната интима и духовност, толеранцијата и отстранување и минимизирање на цензурата.
Што се однесува пак до ослободувањето од квази–естетските хипнози на мондијалистичките културни политики, треба да се свртиме кон самата Историја на уметност – во нејзината најизворна и најдиректна димензија, ако сакате во дијалог со самите нејзини протагонисти и нивните дела. Тоа е огромен ресурс на одбранбени капацитети чии исконски и актуелни вредности лесно ги разбиваат плитките и помодарски напади на глобалистичките промотери на вредности.
Сепак најефикасен облик на делување наспроти мундијалистичките културно – уметнички планови е силниот и непоколеблив отворен, толерантен и продуктивен индивидуализам, кој не ги прекинал врските со своите духовни корени.
Од овие позиции најпрецизно и најлесно се согледуваат суптилните мрежи на мундијалистичките агенти од интерес, „пајаците“ на новиот светски поредок. Нивниот најсилен адут – папагалското цитирање на нивните неолибералистички гуруа, лесно пропаѓа пред добро втемелената историчност и продуховената креативност. Но силната мотивација за финансиски бенефит повторно и повторно ги мобилизира во фанатична и бесрамна необолшевистичка орда, спремна да освојува и руши без оглед на естетиката, етиката, Историјата на уметноста или убавината на природата. Оваа полувидлива, полуприкриена плутократија нема проблем при регрутирање на нови комесари и болшевици.
Благонадежните се стројат во редови и едвај чекаат да добијат задачи, се разбира за добра надокнада. Не може секој да биде глобалистички инквизитор во некоја простачка провинција, за тоа треба да се има посебна надареност, интелигенција, цврста воља и непоколеблива верба во „единствен“ и „праведен“ свет, а најмногу од се да се има огромна љубов кон парите и моќта. Тоа е профилот на сите оние лукративни марионети што по директива и за пари го уништуваат културниот дијалог помеѓу разните идеолошки и културолошки групи и го трујат секој обид за хармонизација на разните интереси во културата и уметноста. Нивното општествено влијание зазема алармантни размери, а нивните дејствија создаваат масовен распад на сите автентични пројави во културата и уметноста.
Сепак овој безизлез не е така сериозен во однос на тоа какви се не структури на моќта продефилирале низ историско – уметничкиот метеж на вековите. Сеуште има места за медитација и творештво, и во рамките на ресурсите што ги нуди Историјата на уметноста како жив онтолошки ентитет, но и надвор од неа, во девствените резервати на природата, чија најдиректна симболика произлегува од космичките капацитети на жената, како персонификација на хармоничната заедница помеѓу политичкото и поетичното во уметноста. (продолжува*)
*Продолженијата од фељтонот Епифанија и Епигонија ќе бидат објавувани секој понеделник
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.