Се чини дека никогаш досега политиката и театарот не биле во поголема синергија. По историскиот „црн понеделник“ беа застапени сите жанрови, но најмногу трагикомедијата, а последнава недела ги доби сите карактеристики на фарса. Демократијата е општествен систем, чијшто главен фундамент е различноста наспроти унификацијата, про наспроти контра. Во демократијата секој гласа според сопствената совест, прави сопствен избор, сопственик е на својот глас и има одговорност кон тоа. Гласачкото право е прашање на основна човекова слобода и кога е еднаш добиено (а, овде е добиено многу, многу доцна), тогаш кон него мораме да се однесуваме одговорно и сериозно. Фалшливата македонска демократија изгледа како кинески чевел, кој на прв поглед изгледа како вистински чевел, но ќе се уверите дека тој не е тоа дури откако ќе го облечете, едноставно, на прво облекување ќе му пукне ѓонот, фуш стока. Како лошо дете, кое е проблематично, неблагодарно, не учи, но мораш да го храниш, да го облекуваш и да се надеваш дека ако не научи да лови, ќе се научи барем да не ја плаши рибата. Суштината на демократијата е и во правото на отпор, во правото на јавно изразеното незадоволство. По добропознатите настани во парламентот, Македонија го доби својот „отпор“.
Јавноста се забавуваше кога ги гледаше нашите „отпорници“, револуционери што со тазе фризури и бунди стоеја „на браникот на слободата“, па откако, најверојатно, им стана студено, влегоа во автомобили, па така ептен „револуционерно“ го погазува својот револт кон „режимот“.
„Креативноста“ и „оригиналноста“ ги покажа со тоа што го зедоа на заем логото од српскиот отпор против режимот на Милошевиќ. Како што се наближуваат изборите, така ќе ги гледаме сјајот и бедата на македонските политички куртизани. Ќе расте цената на вечните суфлери и дублери, кои се секогаш на „вистинската“ страна – некогаш ваши, денес наши,а утре којзнае чии……
„Македонскиот отпор“ роди и цела плејада „херои“. Сепак, по приматот на македонската „Ла Пасионарија“, како најголема икона на отпорот, се истакна големиот револуционер Стевчо Јакимовски, алијас Радован Трети Нејаки. Како што и прилега, тој беше во првите „борбени“ редови на барикадите во одбрана на демократијата од „режимот“ на „фамилијата“. Искрено сум изненаден што врвот на СДСМ беше шокиран од потегот на нашиот карате кид – Стевчо, кој во крајна линија никогаш не се истакнувал со некоја консеквентност.
„С једно дупе на две клупе“, велат нашите драги соседи Јужносрбијанци. За превод обратете му се на соборецот на Стевчо, познатиот револуционер Драгиша Милетиќ, алијас Бановиќ Страхинја.
(објавено во 25. број на неделникот „Република“, 22.02.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.