| четврток, 6 декември 2018 |

Турските бизнисмени со фокус врз Македонија

akedonsko turski forumТурција ја гледа Македонија како безбедна земја за вложување со одлични услови, а предност повеќе е и тоа што е блиска до европските земји. Ова е еден од заклучоците на македонско-турски бизнис форум. Зголемен е бројот на турски инвестиции во Македонија, а постои простор за бизнисмените да договараат уште поинтензивна соработка.

– Дојдовме да ги детектираме полињата за соработка зашто сакаме уште повеќе да инвестираме – рече Наџи Шаки, претседател на Асоцијацијата на индустријалци од Бурса.

Туризмот, земјоделството, прехранбената индустрија, текстилот и градежништвото се најатрактивни за турските инвеститори.

– Во Македонија веќе дојдоа неколку силни компании од Турција, меѓу кои и „Суташ“. Во наредниот период очекуваме уште повеќе турски инвестиции – изјави министерот без ресор Хади Незир.

Тој потсети дека е создадена поволна клима за привлекување странски инвестиции, а турските компании тоа го препознаа поради што се зголеми нивниот интерес за Македонија.

Турција е на 10. место во вкупната размена на Македонија за 2012 година. Лани размената изнесувала 390 милиони американски долари или 6,2 проценти помалку во однос на 2011 година кога достигнала 417 милиони долари. Намерата на бизнис-заедницата е овој биланс значително да се зголеми.

Како што истакнаа претставниците на домашните компании, Македонија ја гледа Турција не само како партнер-инвеститор и партнер во вкупната размена, туку и како врата за освојување нови пазари посебно на Блискиот Исток.

Денешниот македонско-турски деловен форум е трет одржан овој месец. Го организира Стопанската комора по повод посетата на делегација од дваесетина турски компании, членови на Балканската асоцијација на индустријалци и бизнисмени од Румели, Република Турција. Целта е јакнење на соработката и воспоставување нови контакти со македонски фирми од повеќе сектори, градежништво и градежни материјали, текстил, автоиндустрија, електрика и електроника, прехрана и кетеринг, туризам, индустриски машини и опрема, трговија,… Потенцијалните деловни партнери остварија директни, билатерални средби и разговори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top