| четврток, 6 декември 2018 |

Ударот по свеста

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Тоа што во последно време, дневно, има тенденција засилено да се извршува и, најверојатно, и понатаму ќе се цели, е потребата да се разниша свеста и да се конструираат некакви поинакви гледања. Процесот е познат како последна фаза на секоја револуција, а тоа значи и на обидот за контрареволуција, во наши услови.

Оттаму се одвиваат намерите да се влијае врз човечката осознаеност. Да се доведе под прашање правилната ориентираност кон нештата. Да се дезориентира. Да се убијат сите вредности и надежи, секако. Создавајќи замаеност која дури ни самите тие не можат да си ја објаснат, затоа што се јавува по инерција на слепите сили. Со уривачки намери да се сотира сé, без изглед на рационалноста. Да се удри по носителите на интелектуалниот хабитус и интегритет и да се разниша нивниот авторитет. Да се доведат под прашање перјаниците во јавната дебата, носителите на конструктивноста во институциите на јавниот живот, во медиумите и во создадената граѓанска свест. Таквата атака е, навистина, последна, но и најпотребна за целта на саканите промени во нашето општество.

Во служба се ставени сите можни начини. Опозициското политичко дејствување, дејствувањето на „граѓанските движења“, гласноговорниците, употребените медиуми, платени или со доброволна согласност. Но стои и тоа дека за да се оствари ваквата намера за рушењето на рационалниот и вредносен систем, актерите мора да знаат дека, не само што е потребно долго време, туку дека тоа е и најтешко остварливата задача.

Во рамките на таквиот комплот на свест, така, и покрај тоа што формалните заложби беа насочени токму на спротивното, на функционирањето на институциите врз основа на правото и на демократските принципи на конкуренција и политички натпревар, се одвива деградација на политичкиот систем преку создавање паралелни системи и преку ослабување на постојните институции, градејќи недоверба во нив, и инсинуации за невладеење на правото и за корупција. Настојувањата се да се изврши превласт со недозволени средства, создавајќи вештачка политичка криза. Епилогот е фактички извршената корекција на многупартискиот систем, нормално заснован врз конкуренција и врз политички натпревар.

Иако, имаше потреба од реформи чие остварување можеше да се воспостави во постојните демократски институции, каков што е Парламентот и целосниот политички систем. Можеше да се изврши дебатен притисок за аспекти на прочистување на изборниот систем; одвојување на државата од партиите; зајакнување на владеењето на правото; дистанцирање на политиката од администрацијата и од другите јавни институции и друго. А наместо тоа, промените се случија избрзано, во неколку месеци, и како натурени промени, извршувани главно како фарса.

Токму затоа, како народ, не го заборавивме напредокот на Македонија во претходниот период. Не забораваме, дека според нашата народна изрека, „луѓето красат, луѓето гнасат“. И дека од нашиот избор на луѓето што нè водат зависи и нашата иднина и она што можеме да очекуваме од нив и што можат тие да направат.

А колку и да е за некого, можеби, еднозначен, деценискиот општествен процес во македонското општество, мора да се признае и да се почитува, дека во рамките на кои функционираше нашето општество, се ослободија силите за претприемчивост на луѓето, што е можеби и најзначајниот придонес од изминатиот период за нас. Се отворија перспективи и се создаде атмосфера да се решаваат проблемите, повеќе или помалку, успешно.

Следува неколкумесечен предизборен период во кој техничката влада редуцирано ќе остварува практични одлуки за развојот на земјата. Со оглед на штетните настојувања што се во тек, повеќе од секогаш, ни е потребно да укажеме дека народот не ја губи надежта за идниот сеопшт развој на земјата и желбата да не се подзастане во позитивниот тренд на создавање придонеси што беа почнати неодамна, како и за нивното надградување. И за тоа мораме да се заложиме заеднички да ја обезбедуваме таквата состојба во иднина. Впрочем, битката за Македонија се води и на полето на нејзината успешност. А оценката за тие заложби, или незаложби, како и дејствувањето на генерациите и на поединците, останува како одговорност пред историјата на нашиот народ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top