Македонија загуби од Данска со 30 – 33, но поразот нема горчлив вкус, бидејќи ја остваривме целта на светското ракометно првенство во Шпанија. Се пласиравме во осминафиналето и ја избегнавме веројатно најсилната пречка Франција. Задутре во Барселона ќе играме против Германија за пробив меѓу осумтте најдобри светски селекции.
Финишот на последниот натпревар во фазата по групи, во Севилја, беше решавачки за нов пораз од Данска, по несреќниот од истиот противник на ЕП во Србија, лани. Тогаш со голот на Линдберг во последната секунда загубивме со 32-33, а Данска подоцна стана европски првак. На истиот турнир игравме и против Германија која не порази со 24-23.
Македонија влегува во мечот со Данска со цел да ја избегне Франција, посочи Исландскиот селектор Арон Кристијансен по натпреварот со Катар.
-Мислам дека македонците сакаат средба со Германија и токму затоа натпреварот меѓу Македонија и Данска ќе биде интересен.
На прес конференцијата по натпреварот Македонија- Данска, селекторот Шундовски ја посочи Данската репрезентација како сериозен кандидат за светската шампионска титула.
– Беа најдобар тим во групата. Би сакале да го добиеме мечот. Го знаевме нивниот квалитет и се подготвувме. Но тоа се 16 одлични играчи кои играат на измени. Честитки до моите играчи за одличната игра. Играме се подобро во нападот. Задоволен сум од смените од напад во одбрана, но мора да го подобриме перформансот против големите тимови, додава Шундовски.
Во име на играчите пред новинарите се обрати Бранислав Ангеловски.
– Изигравме убав ракомет. Научивме како да стигнеме до победа, но денеска Данците беа голем тим, вистински светски шампион. Можевме да победиме, но ја загубивме силата. Сепак ова беше петти меч по ред, заморени сме. Се надевам дека подобро ќе играме против Германија.
Данскиот селектор имаше кусо обраќање, па Урлик Вилбек во две реченици се наврати на денешниот меч и на осмиинафиналето.
– Секогааш е тешко да се играат вакви мечеви на турнири кога тимот нема потреба да игра на максимум. Што се однесува на нас, треба да играме со Тунис во осминафиналето и мислам дека можеме да ги победиме, кратко и јасно оцени Вилбек.
Кратка изјава даде и данскиот играч Каспер Мортенсен
– Се радуваме на нашиот следен меч во Сарагоса. Мораме да играме подобро. Но се радуваме однапред на тој меч.
За Македонија светскиот ракометен турснир продолжува во Барселона, во недела, со меч против Германија. По победата врз Франција, Германскиот селектор МАртин Хобергер рече дека одиграле најдобар меч до сега и дека ја заслужиле победата.
-Сега треба да се концентрираме за следниот меч, додаде Хобергер.
Со очекувања за тој натпревар вечерва видување даде Филип Лазаров, кој што со пет гола даде голем придонес нашата партија против европскиот првак.
– Се гледа дека нашата форма оди во нагорна линија. Со Германија игравме во Вараждин, игравме и во Ниш, два пати како да ни бегаа на тие натпревари. Имаме самодоверба, подобро е Германија отколку Франција, тоа е јасно како ден. Сигурен сум дека ќе дадеме се од себе на тој меч и се надевам дека ќе победиме, додаде Лазаров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


