| четврток, 6 декември 2018 |

Нема ништо сомнително во пакетот испратен за Меркел

Германската полиција соопшти дека ништо сомнително не е пронајдено во пакетот поради кој денеска беше запечатана канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел во центарот на Берлин.

– Експертите не пронајдоа ништо сомнително – изјави портпаролот на Федералната полиција на Германија.

Полицијата изутрината ја запечати канцеларијата на Меркел за да го испита сомнителниот пакет во момент кога министрите во истата зграда одржуваа состанок.

– Истражуваме сомнителен пакет, изјави тогаш портпаролот на Федералната полиција, додавајќи дека се очекува пристигнување на специјалисти, кои ќе го испитаат пакетот.

Очевидец изјави дека во запечатената зона се наоѓаат четири жолти поштенски пакети кои се ставени пред влезот.

Министрите продолжија со редовниот состанок, откако полицијата со кордон ја заокружи зоната, во која се наоѓа канцеларијата.

Полицијата во 2010 година пресретна пакет, кој содржеше експлозив, а кој беше испратен во канцеларијата на Меркел од Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top