| четврток, 6 декември 2018 |

Мисајловски:Изградени се преку 400 локални патишта во вредност од 65 милиони евра

vlado transportМинистерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов и заменик-министерот за образование Спиро Ристовски денеска во рамки на посетата на Прилеп, ги пушти во употреба локалните патни правци до манастирот „Света Петка“ во селото Лениште од 1,5 километри и до месноста Маркова Чешма во должина од 1,2 километри, во вкупна вредност од 300 илјади евра.
Според Мисајловски, владата досега инвестирала во изградбата на преку 400 локални патишта во Македонија или околу 740 километри патна инфраструктура.
– Годинава во Прилеп имаме инвестирано 17 милиони денари во локалните патишта. Во цела Македонија завршивме околу 48 локални патишта, а досега, во мандатот на владата, имаме завршено преку 400 локални патишта или околу 740 километри патна инфраструктура. Се работи за инвестиција од околу 65 милиони евра. Го завршивме инфраструктурниот проект кон комплексот Зрзе. Станува збор за пат во должина од 7,5 километри и инвестиција од 1,6 милиони евра, изјави Мисајловски.
Тој најави дека во првата половина на 2016 година ќе се почне со реализација на капиталниот проект за целиот регион, експресниот патен правец Прилеп-Градско.
– Почнуваме со првата од трите фази во вредност од 30 милиони евра. Ќе се подобри целата инфраструктура во прилепскиот регион, како и во коридорот 10, рече Мисајловски.
На прашањето што значи продолжувањето на рокот за поднесување документи за легализација на дивоградбите, министерот Мисајловски нагласи дека се работи на тоа да им се излезе во пресрет на граѓаните и да се отвораат нови можности за легализација.
– Со донесените измени во Законот за легализација овозможуваме елаборатите да се доставуваат до крајот на 2016 година, а до 31 март наредната година да се доставуваат барања за легализација. Предвидовме и можност за легализацијата на објект на приватно земјиште. Во владина процедура е и нов закон за легализација на објекти во културно заштитени подрачја. Ќе отвориме дискусија во владата и ако е остварливо, ќе го пуштиме во парламентот. Инаку, проектот за легализација на дивоизградените објекти досега е остварен 70 отсто и е мошне успешен, изјави Мисајловски.
За директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов битно е што со инвестирање во инфратструктурата ќе се продолжи и наредните години, посебно во Прилепско.
– Досега, во рамки на двата проекта што ги имавме со Светска и со Европската банка на територијата на општина Прилеп се изградени 13 локални патишта во вкупна должина од 33 километри,  вкупна вредност од 157 милиони денари. В година, па и во 2017 и 2018 ќе се рехабилитира стариот регионален пат кон Битола. Предвидени се средства од 10 милиони денари, изјави Стојанов.
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески во период од 10 години во Прилеп се асфалтирани преку 200 километри локални патишта.
Заменик министерот за образование Спиро Ристовски ги посети ОУ „Кире Гаврилоски Јане“ во Прилеп и монтажното училиште во селото Галичани. Прилепското училиште првпат доби систем за парно греење, инвестиција од 6,8 милиони денари.
– Многу е инвестирано во училиштата. Во овој случај го истакнувам новиот систем за парно греење во ОУ „Кире Гаврилоски Јане“ Инвестицијата е 6,8 милиони денари и училиштето првпат доби систем за парно греење. Отворено е и новото монтажно училиште во селото Галичани. Општина Прилеп и владата досега инвестирале во сите основни и средни училишта. Моментално се гради и четвртата сопортска сала. Најбитно е дека се подобруваат условите за сите ученици, нагласи Ристовски.
Според градоначалникот Ристески, во прилепските 11 основни и четири средни училишта досега се инвестирани преку 12 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top