| четврток, 6 декември 2018 |

Криминал

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Во предаторскиот и опортуниот карактер на човека има силни предиспозиции за криминални дејства. Сепак, постои и духовноста, која создава специфичен увид во душевните состојби на потенцијалната жртва. Оваа неверојатна способност на човека да почувствува и аналогизира со своите искуства и расположенија, оваа емпатија кон другиот, кон потенцијалниот страдалник на можниот нем егоизам, создава сочувство и одговорност, а, со тоа, и самоконтрола што го спречува криминалното однесување кон другите.

Така, тоа почнало одамна, а се етаблирало како императив со зголемувањето и мултиплицирањето на сегментите, што го чинат општествениот корпус. Моралот произлегол од координацијата на почитта кон ближните и кон другите, од чувството на припадност и сфаќање, од едно единствено и неспоредливо освестување за нашата чудесна поврзаност.

И, овој принцип, овој закон, произлезен од моралот, со времето и еволуциските процеси во развојот на човековата цивилизација станал нераздвоен дел од човековиот интегритет.

Имено, ако сакате да го идентификувате криминалното однесување, испитајте го моралното ниво на одредени постапки на некои индивидуи, па и цели групации што се формираат врз одредени интереси, без oглед дали се чисто материјални и прагматички или, пак, идеолошки и религиозни.

Што, на пример, би рекле, кога би го впериле нашиот морален систем врз делата на одредени манијаци или, пак, злосторници, што би констатирале, кога студиозно би се зафатиле со проучување на некои глобални тенденции, што се појавиле во одредени периоди од човековата историја, како болшевизмот, фашизмот или, пак, нацизмот?

Зар не би препознале во сите нив еден хтонски, криминален потенцијал и дејство во тој правец?

Човештвото, сите овие тенденции прецизно ги препознава и зазема недвојбен став на осуда.

Во секој случај, колку што моралот со текот на усовршувањето на човековата култура и егзистенција станува круцијална карактеристика за исправноста и на прифатливоста, толку криминалните предиспозиции стануваат сѐ посуптилни и поперфидни.

Посебно овој феномен на криминално однесување станува речиси незаобиколива практика кај тие личности или колективи, кои се среќаваат и ги живеат сите тие фрустрации што доаѓаат од неспособноста да се биде успешен и приспособен на општествените нормативи и приоритети, да се биде креативен или, барем, корисен во однос на потребите и можностите на човековата заедница. Всушност, сите овие тегобни чувства што доаѓаат од фактот за неспособноста, глупоста и губитништвото, широко ги отвораат портите на душата за криминалот. Посебно оваа состојба станува масовна во општествата со ограничени ресурси за спроведување на сопствените способности и таленти.

Сепак, дури и во такви општествени средини, можни се усилбите на луѓето за нормален и достоинствен живот, исполнет со творештво и комуникација, низ која се надградува духовното во човека. Често, во посиромашните средини наидуваме на многу поконкретно нормирани морални вредности, отколку во некои општества на изобилство, каде што обилното присуство на задоволство и на конформизам создале зачестени појави на снобизам, насилство или, пак, перверзни однесувања, што, сѐ заедно, сведочи за една масовна дегенерација.

Сепак, на крајот од краиштата, изборот останува на самата личност, без оглед дали доаѓа од богата или од сиромашна општествена заедница. Криминалците се жртви на сопствениот избор или на сопствената морална конзистентност, на крајот на краиштата.

Но, и во криминалот постојат градации. Некои криминални дејства се поттикнати од незаобиколива нужда, од состојба во која сторителот на лошото и неетичко дело го направил тоа за да преживее, тој или неговите ближни. Овие дела имаат олеснителна околност, посебно ако криминалот што е направен не му нанел некои големи болки или тегоби на оштетениот, како кражба на храна, облека или, пак, превозно средство, кое му било итно потребно на престапникот и кое подоцна е некаде пронајдено, неоштетено.

Понекогаш се дејствува во правецот на криминал во афект. И за овие дела, кои понекогаш можат да бидат фатални, законот има делумно разбирање.

Но кога се прави криминал со предумисла и со тенденција да му се наштети некому, тогаш имаме предуслови за вистински и непобитен криминал, чин, зад кој стои злобна мисла. Во ваквите случаи моралната осуда, заедно со таа, која произлегува од правосудството, заземаат непоколеблив став. Казната за ваквите подмолни и неми дејства е аналогна на направената штета.

И токму ваков криминал спроведува една мафијашка структура, која успеала да се спроведе во опозициската партија. Аферата „Фабрика“ веќе не е во зоната на каков било политички натпревар, тоа е едно страшно криминално дело, зад кое гледаме еклатантно егзистирање на злото.

Да се клевети, да се подбуцнува, да се понижува и навредува, да се подметнува, да се повредува и мачи и, конечно, да се ликвидира политичкиот опонент ако може, тоа е асортиманот на политичкиот натпревар во кој учествува, сега, веќе, ин флагранти фатента гангстерска камарила, која веќе со децении го загадува македонскиот општествен морал, го деградира македонскиот економски просперитет, ги понижува македонската историја и култура, тргува и се пазари со круцијалните македонски национални интереси, кодоши, лаже и прави сѐ што му е гнасно и одвратно на човековото достоинство и тука, и на светски план.

Мора да признаам, дека ваква немост нема ни меѓу најекстремните криминални банди, каде што владее некаков кодекс на однесување, кое содржи една трошка морал, еден зрак светлина од небесата.

Но, тука, во оваа несреќна дружина со огромно его и лудачки сништа за владеење, како целосно да завладеал мракот на аморалноста.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top