| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирана монографија за Бранко Ѓорчев

Она што ја прави репрезентативна оваа монографија е снимениот ДВД-материјал кој ретроспективно ни ја доближува богатата актерска личност на Бранко Ѓорчев.

Голем број пријатели и љубители на ликот и делото на Бранко Ѓорчев му оддадоа почит на актерот-гениј на промоцијата на монографијата посветена на неговиот актерски живот. Меѓу присутните беа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, семејството на Ѓорчев, многу негови колеги и театарџии.

Приредувач и автор на монографијата е театарската критичарка Лилјана Мазова, која преку спој на повеќе есенцијални елементи успеала да направи една симбиоза и прецизно да ги соедини сите текстови на актери, режисери и писатели во една целина. Она што ја прави репрезентативна оваа монографија е снимениот ДВД-материјал, кој ретроспективно ни ја доближува богатата актерска личност на Бранко Ѓорчев.

Директорот на Драмскиот театар Роберт Велјановски рече дека Ѓорчев е исклучително плоден уметник со специфично креативен актерски потенцијал.

Актерот Драган Спасов-Дац го поздрави својот колега и другар со писмо, а директорот и режисер Дејан Пројковски сподели неколку случки преку кои ни ја долови неговата слика за тоа како го доживувал актерот и пријател Бранко Ѓорчев.

Венко Андоновски направи целосна анализа на монографијата и заклучи дека најдобрата дефиниција и карактеристика која е директна асоцијација на Бранко Ѓорчев е зборот АКТЕР.

Бранко Ѓорчев на македонската театарска сцена беше присутен повеќе од 30 години, со исклучително плоден и специфичен креативен, длабок и траен актерски израз. На тетарската сцена одигра 56 лика, а на филмското платно оживеа 26 улоги.

Бранко Ѓорчев беше уметнички директор (2000-2002) и директор (2006-2013) на Драмскиот театар, предаваше ораторство на Правниот факултет и на Универзитетот ЕСРА, добитник е на повеќе театарски награди и признанија,меѓу кои и на државната награда „Св. Климент Охридски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top