| четврток, 6 декември 2018 |

Политичкиот „фелер“ на СДСМ

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

 

Најголемата опозициска партија има „фелер“ /политички/ што перзистира подолг временски период – без изгледи за негово отстранување; нема сигнали за менување на курсот… Напротив. Продолжуваат со жонглирање, без чувство за демократско, одговорно однесување, далеку од тоа што значи дејствување во рамките на една легитимна политичка борба за власт – рамка, без калкулации во стилот – целта ги оправдува средствата…

СДСМ го злоупотребува „Пржино“ – производот на нивната политичка агресија врз Македонија. „Договорот“ го читаат на свој, „уникатен“ начин, дрско наметнувајќи се како ексклузивен застапник на вистината за што било во државата. Своите нелегитимни /политички/ барања ги ставаат во контекст на „борба за демократија во државата“, се разбира, според нивните сфаќања; меѓутоа, на сите веќе им е јасно дека „демократијата“ што му ја нуди СДСМ на народот, а во последно време и практикува, ја задушува државата, ги вознемирува граѓаните.

СДСМ функционира според принципот – вербализам, девалвација; профитерство. Место почитување на уставот и законите на државата, наметнаа апсурдно пазарење на ниво на лидерство и претставници на политички партии. Се разбира, со „помош“, на меѓународната заедница и нивните „олеснувачи“! Вторпат, на ист начин, по 2001 година… а, всушност третпат…, ако се потсетиме на сите нивни нелегитимни „влегувања“ – перфидно инфилтрирање во легално избрана влада /првата/ на ВМРО–ДПМНЕ! „Традиција“…

Задача на политичките партиите (група луѓе обединети од некакви општи интереси, цел… МДР) е да работат во корист државата, да придонесуваат за засилување на демократскиот капацитет на сите нивоа во општеството. Меѓутоа, не смее да се пренебрегне фактот, дека и покрај конкретната улога во државата, партиите /секоја од нив поединечно/ сепак, не претставуваат „трајна“ категорија – се појавуваат /регистрираат/, но и згаснуваат… зависно од способноста и демократичноста на водството /особено/ и партијата во целина – од вредностите што ги негуваат…

 

Манипулација со фактите, извртување на вистините

Главна „фора“ во дејствувањето на СДСМ е манипулација со фактите, извртување на вистините. Во политичкото милје во Република Македонија (но и надвор од државата… Израел, Словенија, Косово…), оваа партија, дејствува крајно несоодветно, несразмерно на политичката одговорност што ја има една голема партија /опозициска/ која се бори за власт во државата; политиката што ја практикува е штетна за сите – суицид /политички/ за раководството – како главен носител на штетната политика, за партијата – негативни последици за активното членство, и најважно од сè, за државата.

 

Декларативност, непринципиелност, неконзистентност – основа на политичкото дејствување на СДСМ

Спротивно на демократските принципи и владеењето на правото, штотуку „влегоа“ во власта, без изборна верификација. На македонската Влада ѝ го накалемија епитетот „техничка“, а, над сето тоа, спротивно на нивните мегафонски декларации за кредибилни, независни стручњаци – во техничката влада одбраа да ги застапува партиски кадар… со инверзија на компетенциите… И, наспроти очекувањата (веројатно и на странските дипломати), место департизација, ги партизираа министерствата каде што „влегоа“… го погазија своето „залагање“ за одвојување на државата од парти-јата/ите, и покажаа, како би владееле во случај да дојдат на власт. Да не спомнуваме за нивните „министерски“ активности – требаше да бидат во функција на изборниот процес во 2016 година, а ги насочија кон незаконско „вдомување“ на партијците, и негативно влијание на функционирањето на државата (обид за запирање на проекти планирани предизборно-преточени во владина програма – 2014 година).

Недоследност манифестираа и со откажување од првично – ултимативно поставеното барање за „активна регистрација на гласачите“; целта беше – подобрување на избирачкиот список(?!); тој, на кој ги базираа обвинувањата кон владејачката партија за „изборна кражба” и својот /последен/ изборен дебакл! Експресно се откажаа од неговата верификација.

Исто се случи и при разговорите околу медиумите! Место конструктивни предлози за подобро функционирање, изразувајќи самоволие, се обидуваа/т/ да наметнат репресивен, антидемократски закон за регулација во медиумската сфера, решение со кое би си обезбедиле апсолутна контрола врз медиумите и нивните управувачки/регулаторни тела, игнорирајќи го постојниот закон (2013) прифатен од многу соодветни страни; не го прифаќаат ниту предлогот на владејачката партија за закон по урнек од земја-членка на ЕУ! Се препознава ли во ваквиот однос /на СДСМ/ барем минимално чувство за слобода/демократија во јавниот информативен простор? Или, во изјавата на нивниот лидер – дека највлијателните медиуми во државата биле најголеми непријатели на СДСМ?! Слушнаа ли за овие скандали Дуња Мијатовиќ и ОБСЕ, Ван Хауте и странските амбасадори во земјава? Петмина од амбасадорите, на многу „дипломатски начин” од пред Владата на Република Македонија ги декларираа европските принципи и експлицитно бараа – да биле почитувани?! И, потоа, изненадувачки молк околу споменатите, и сите други недоследности на СДСМ и лидерот во однос на обврските од јунскиот „договор”; сѐ уште не ги предал прислушувачките материјали во Специјалното јавно обвинителство (десет илјади, дваесет, 600.000 приватни телефонски разговори – според разни изјави на лидерот!)

 

Нихилизмот – значаен „фелер“ во политиката на СДСМ што упорно се негува…

Политичко слепило за фактичките состојби во државата, /реторичка/ негација на сè што е создадено /креирано/ последната деценија.

Треба ли уште да се набројува?! Речиси секој потег на СДСМ во постпржинскиот период е доказ за неискреност, потврда за суштината на нивната единствена цел при предизвикувањето вонредна ситуација во земјава – учество во власта.

Пораката од Брисел е – Македонија со европски вредности! Во ред. Но, во ситуација на многубројни нелогичности, уценувачко однесување на опозициските претставници во тек на преговорите поврзани со договорот од Пржино, од европските дипломати, инволвирани во „процесот“ се очекува да застанат на пат на ваквото однесување на опозицијата (некогаш дрско до вулгарност), да не дозволат исполнување на нереални партиски желби (за статус!) – да се спротивстават на сè што се негира со демократските принципи во политичкото дејствување, и се овозможи реализација на основната цел на договорот – демократско изјаснување на народот на 24 април.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top