| четврток, 6 декември 2018 |

Во колумна во „Дневник“ Ахмети порача дека е време за НАТО

Али Ахмети, лидерот на ДУИ во колумна во дневниот весник „Дневник“  порача дека сега е времето  за големи одлуки.

„Нема дилема дека треба да се движиме кон евро-атланските интеграции. За секоја голема цел, треба да се донесе и една голема одлука. И за двете работи потребна е храброст, заедничка храброст“ пишува Ахмети денеска во својата колумна.

 AHMETI

 

Ова е дел од пораката која Али Ахмети, лидерот на ДУИ и коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во власта му ја праќа на премиерот Никола Груевски, јасно алудирајќи на промена на името.

„Две децении по независноста на Македонија од југословенската федерација, 20 години по зачленувањето во ОН и 12 години од Охридскиот договор, како и по успешната транзиција при која поминавме низ многу нешта, верувам дека сега е времето за големи одлуки… Знам дека залагањата за темелни промени не ретко се обесхрабрувачки на прв поглед, но за мене и за мнозинството што им посакуваат добро на народот и на земјата, не станува збор за дилема дали треба да се движиме кон евро-атлантските интеграции. Дури, ми се чини дека и утре е веќе доцна“, пишува Ахмети.

Според лидерот на ДУИ ако некој се повикува на зрелост, патриотизам, граѓански интерес, рационалност, а зошто и да не и на идентитетска определеност, тогаш „велам дека не треба да имаме повеќе ниту една дилема дека токму сега е моментот Република Македонија и нејзините граѓани, со тие што ги носат одлуките да го направат потребниот чекор. За некого, ова може да биде чувствително, идентитетско прашање. Но, како што нагласив, за една земја, определбата со какви вредности посакува да живее и да се претставува, исто така преставува дел од идентитетот“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top