| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа Милевска: Министерството за култура и во иднина ќе биде рамноправен партнер на ЕУ

Во рамките на јубилејното, 25. издание на Меѓународниот саем на книгата, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и специјалниот пратеник на ЕУ, Аиво Орав ја промовираа новата брошура на Министерството за култура, која ѝ е посветена на програмата „Култура 2007-2013“ и во која се презентирани критериумите за посебната акција од програмата, литературни преводи (критериуми за аплицирање ), како и дваесет и седумте успешни македонски проекти.

– Еден дел од брошурата се однесува и на новата програма „Креативна Европа“ и има за цел да ги информира и да ги охрабри издавачите да аплицираат за книжевните преводи, кои и понатаму се приоритет во културната политика на ЕУ. Верувам дека оваа брошура ќе биде корисно помагало за сите издавачки куќи што не аплицирале за грант од оваа програма – истакна министерката Канческа-Милевска.

Во продолжение, министерката упати благодарност до своите потврдени партнери во реализацијата и презентацијата на програмата „Култура“: Делегацијата на Европската унија во Скопје, Здружението на издавачи и книжари на Република Македонија, Амбасадата на Швајцарија во Скопје и Скопски саем. Благодарност и до 12 издавачки куќи („Или или“, „Три“, „Магор“, „Темплум“, „Вермилион“, „Профундум“, „Бегемот“, „Блесок“, „Каприкорнус“, „Евробалкан“ и „Сигмапрес“) за нивната контрибуција во подготовка на брошурата Програма култура на ЕУ – проекти за литературни преводи – примери на добра практика од Република Македонија.

– На крајот би сакала да нагласам дека Министерството за култура и во иднина ќе биде рамноправен партнер на ЕУ во спроведувањето на нејзината културна агенда и во поддршката на проектите што се дел од нејзините програми. Наша заедничка заложба и во иднина ќе биде презентацијата и афирмацијата на високите вредности на европското наследство и актуелно творештво – заврши Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top