Добро би било работното време биде од 7 часот наутро, или половина час подоцна, да заминам од работа околу 15 часот, денот да е пред мене, да стигнам во градинка да го земам детето, да имам време да поминам со него – ова е едно од мислењата што ќе ги слушнете кога луѓе разговараат за тоа кога би сакале да заминат на работа.
Наспроти нив, имате друга група – тие што уживаат во ноќниот живот, па се подготвени да прифатат да одат на работа во 10 часот, да завршат во 18 часот за вечерта повторно да можат да „се стават во ноќен живот“.
Генерално, Македонија има работно време од 8.30 до 16.30 или од 9.00 до 17.00. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија со години се обидува да го смени работното време. Тој има идеја повторно да ја реактивира иницијативата за враќање на „старото“ работно време.
– Нашите членови, а и граѓаните што знаат дека сме од УПОЗ, често нѐ прашуваат што стана со промената на работното време, кога ќе има промена. Генерално, луѓето сакаат да одат порано на работа, да се враќаат порано дома. Вака, особено во зимските месеци, стануваме кога е темно, доаѓаме дома во мрак – вели Трпе Дејановски, генерален секретар на УПОЗ.
Тој тргнува од самиот себе – дека нему би му одговарало да заврши порано со работа за да може попладне да помине повеќе време со детето. Вака, смета тој, останува премалку време за средба со децата, активности со нив.
– Со сегашното работно време ги губиме семејните традиционалните вредности. Се отуѓуваме едни со други. И 30 минути многу значат во секојдневниот живот. Доволно е да се врати барем за половина час работното време за да не го губиме времето што сакаме и треба да го поминеме со семејството – вели Дејановски.
Ќе ги слушнете повозрасните како раскажуваат дека со старото работно време имале време кога ќе дојдат дома да направат тазе ручек, да седнат со семејството, да одморат и да се видат со пријатели, да отидат на некој културен настан… Сега, сметаат тие, животот е сведен на дома-работа, работа-дома.
Приспособливото работно време е попродуктивно
Но, ќе ги слушнете и помладите кога ќе кажат дека им е кошмар станувањето наутро, откако вечерта имале одлична забава во некој од ноќните клубови, која траела до раните утрински часови.
Дејановски вели дека сосема ги разбира и тие што се за работното време да почнува подоцна. Затоа и барањето на УПОЗ е да се воведе работно летно време од 7.30 до 15.30 и од 8.00 до 16.00 часот како зимско работно време, или да се определи флексибилно работно време во зависност од потребите на институциите.
– Зошто да не се направи работното време да биде приспособливо, да може да се дојде на работа од 7.30 до 9.00 часот и да заминеш од работа зависно од тоа кога си дошол?! Од разговорите што сме ги имале со институциите, министерствата, акцентот на работа го имаат од 9 часот до 15 часот. Така што со приспособливото работно време тој ударен период е целосно покриен. Од друга, страна шалтерите би работеле од 7.30, па луѓето ќе имаат можност да си ги завршат обврските пред работа, без да излегуваат во периодот кога им е работно време – коментира Дејановски.
Од УПОЗ објаснуваат дека доставиле до Владата иницијатива за промена на работното време, откако претходно се расправало на работната група формирана од Економско–социјалниот совет на РМ. Според нив, била постигната согласност од сите заинтересирани страни. Бил донесен заклучок дека промената на работното време ќе влијае позитивно на усогласувањето на деловниот и на приватниот живот на работното место. Но работното време сè уште не е променето.
И од Конфедерација на работодавачи се согласни со прилагодливото работно време.
– Ние долго време се залагаме и инсистираме на воведување флексибилно работно време. Од тоа бенефит ќе имаат и фирмите и вработените, бидејќи работното време ќе се прилагоди на нивните потреби, со што ќе дојде до зголемување и на продуктивноста, но и на вработеноста. Постојат сезонски активности кои бараат свој тамјинг на завршување, а за тоа најдобро е работно време кое ќе може да се менува по потреба. Токму затоа ние сметаме дека од големо значење за бизнисот би било воведување на прилагодливо работно време – вели Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи.
Временската зона е најголем проблем
Од УПОЗ сметаат дека временската зона во која се наоѓа Македонија е неприродна. Според нив, да сме во временската зона со Бугарија и со Грција, каде што, како што велат, реално припаѓаме, би било сосема поинаку. Но со временската зона што ја имаме и работното време што ни е определено не можеме да ги почувствуваме сонцето и светлината затоа што во тој период сме врзани со работа.
А работното време во Македонија беше променето поради усогласување со европското работно време. Тоа беше направено на крајот на 2006 година, од кога државната администрација, но и многубројни приватни компании го сменија старото работно време во ново што почнува од 8.30 часот и трае до 16.30 часот или кај некои од 9 до 17 часот. Работното време од 8 до 16, односно од 9 до 17 часот за поголем број од приватните компании е дел од европската практика на живеење. Речиси сите европски земји работат според ова работно време. Имајќи ја предвид деловната соработка со претставници од другите земји, било неопходно усогласување од ваков тип.
– Разбирливо е да сакаме и да гледаме да се усогласиме со Европа. Но во Европа во 17 часот сè уште е ден, додека кај нас се стемнува во 16 часот. Ова работно време оди на штета на граѓаните, но и на фирмите – нагласува Дејановски.
Работно време од шест часа
Работниците се попродуктивни доколку работното време им е пократко, утврдија Швеѓаните. Компаниите во земјата ја спроведе промената поради целогодишното истражување за да се споредат трошоците и придобивките од пократкото работно време. Според истражувањето спроведено минатиот месец, во кое биле вклучени 600.000 луѓе, тие што работат по 55 часа неделно имаат 33 отсто поголем ризик од добивање срцев удар, за разлика од тие што работат 35-40 часа неделно.
Одлуката за скратување на работното време се должи на резултатите од истражувањата што покажале дека со пократкиот работен ден персоналот би бил помотивиран и би имал повеќе енергија да сработи повеќе за пократок период.
Линус Фелдт, извршниот директор на компанијата од Стокхолм „Филимундус“ вели дека со воведувањето на скратеното работно време не само што продуктивноста останала иста, туку се забележуваат и помал број конфликти меѓу персоналот затоа што луѓето се посреќни и поодморени. За да се соочат со значајното скратување на работното време, Фелдт посочува дека вработените биле замолени да се држат настрана од социјалните мрежи и од другите работи што би им го одземале времето на работното место и на состаноците.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 171. број на неделникот „Република“, 11.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.