Како дел од зимската програма културниот центар Кула ви ја претставува изложбата на Анастасија Величковска насловена „Љубов на прв поглед… 432 пати“. Настанот ќе се одржи на 18 декември (петок), со почеток во 20.00 часот.
Љубов на прв поглед… 432 пати. Љубов е дисциплина, опсесија и желба.
Анастасија се вљубува во темата која и ја отвора една онлајн средба со списание за жени “Love” за која расправа преку дигитални колажи со интервенција. Љубовта не е дисциплина, опсесија и желба. Љубов е комерцијализација на човековите чувства. Љубов е визуелизација на телесното. Љубов е самозаљубеност. Љубов е стил или клише. Љубов е успешен маж и убава жена. Љубов е 432 страници, кои се премногу за љубов на страници, а премалку за вистинска љубов надвор од страниците.
Love е британско списание, основано во 2009 година кое се рекламира себеси под хаштагот #loveadvent, во превод со дообјаснување: љубовно пристигнување според латинскиот adventus -> advent, послободно, можеби извлечено од второто доаѓање на Христос, дури повикува и се поставува како гласник на љубовната преродба. Повторно раѓање, второ доѓање. Списанието припаѓа под категоријата ,,стил и мода“ па, според тоа, да… љубовта е повторно ин. Љубовта е мода.
Страниците на списанието се исполнети со, најчесто црно-бела модна и пастелна колор фотографија. Иако, навидум прочистен, современ и наменет за самостојната жена, го следи моменталниот тренд на односот на модата наспрема животот, овомилениумската естетика и поистоветувањето на сексот со љубовта.
Анастасија, го искажува своето незадоволство на оваа секогаш актуелна тема на поистоветување на женственоста со женскоста, на експлоатирање на љубовта во модата и прикачување на истата за, единствено женската потреба и цел, едначење на убавото со секси, а сексот со љубов, воедно продавајќи ја идејата и на машкиот пол преку физичкоста на блискоста.
Анастасија Величковска е визуелен уметник кој работи и живее во Скопје. Дипломиран графичар и сценограф на „Факултетот за ликовни уметности “. Во февруари 2015 ја направи својата прва самостојна излoжба во галерија „ФЛУ” насловена „Социјално дисторзирана убавина”. Во месец јули и август истата поставка стана патувачка изложба низ Европа посетувајќи алтернативни културни центри. Нејзиниот креативен опус се карактеризира преку силната женска убавина која од друга страна создава длабока критика према мас медиумите, конвенционалноста и магазините. Со неколку дела од овој серијал на графики, Анастасија се претстави на IX Биенале на млади уметници во Скопје, 2015. Таа е дел од колективот Кула, каде се има претставено со повеќе од 5 групни изложби, работилници, видео проекции и хуманитарни акции. Анастасија е дел и од тимот на мултимедијалниот фестивал „Под земја полесно се дише” , кој две години по ред се одржува во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.