| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Родољуб Анастасов во Музеј на Град Скопје

Изложбата на  Галерија „Јустина“ и Родољуб Анастасов, под наслов „Енформелска лабораторија 3“ ќе биде отворена во вторник, (15. 12.) во 20 часот во Музејот на град Скопје.

Од мај 2012 година, во рамките на Музејот на град Скопје, е отворена „Галеријата Јустина и Родољуб Анастасов“. Нејзиното формирање беше овозможено со донацијата од 346 дела кои Родољуб Анастасов ги подари на Музејот.

Намерата е оваа Галерија циклично да го презентира целиот материјал кој го поседува. Во најголем број тоа се цртежи, графики и акварели од сите фази на уметникот. Нивната ликовна вредност е несомнена, особено ако се има во предвид дека тие активно партиципираат во формирањето на македонската современа ликовна уметност. Дел од нив се изложувани и инцидентно се репродуцирани, но голем дел се реално непознати и непубликувани.

За таа цел предвидуваме сукцесивно да ги изложуваме делата од оваа збирка во рамките на просторот на Галеријата но и на други изложби организирани во нашата држава или во странство.

Овојпат сакајки да го задржиме континуитетот на презентации ја екпонираме поставката „Енформелска лабораторија 3“ на која ќе бидат изложени дела кои се дел од циклусот „Енформелска лабораторија“ а кои досега не биле излагани во оваа Галерија. Времето на неговото создавање, крајот на педесеттите и првата половина на шеесеттите години од минатиот век е период кој е критичен во формирањето на македонското општество – тоа е периодот на освојувањето на модернитетот. Всашност овие цртежи се дел од колективниот напор нашето општество да ги прифати и да ги присвои вредностите на модерноста. Анастасов, тогаш младиот уметник, е веќе длабоко во неа исцело посветен на насетувањето на новите јазички простори кои се пред него. Тој почнува да експериментира и таквото  слободно експериментирање со формата и со слободата со која таа форма се освојува поседува некаква невиност во реализацијата применета, толкувана, разбрана како чин на сопствено осознавање.

Во цртежите од „Енформелска лабораторија“ потезите на младиот уметник се движат исклучително брзо. Тие се некаков сеимографски пренос на некоја возбуденост. Од време на време авторот со перото почнува да го напаѓа листот хартија во таа мера што таа се гребе или во пооделни потфати се кине или се оштетува.

На изложбата ќе бидат експонирани 30 цртежи и 4 масла – дел од колекцијата на Галеријата Јустина и Родољуб Анастасов.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top