| четврток, 6 декември 2018 |

Градската болница „8 Септември“ тоне во долгови

gradska bolnica 8 septemvri

Градската општа болница „8 Септември“ може да остане без неопходните лекови, парно и струја доколку не си ги плати долговите од околу 2,5 милиони евра. Веледогериите веќе почнале да не испорачуваат доволни количини лекови, а еден куп извршни решенија чекаат за наплата на мазут, струја, вода, јави порталот „Нова“, а ситуацијата била потврдена и од директорот на болницата.

Доколку не се платат долговите, ќе биде доведена во прашање работата на болницата, во која од пред една година се пренасочуваат сите пациенти од Скопје, но и пошироко.

Информација за „Нова“ ја потврди директорот на болницата, Сашо Стојчев. Тој тврди дека секојднево добиваат писма со отворени закани дека ќе им биде исклучена струјата, водата, парното греење.

Буџетот на болницата годинава изнесува 8,5 милиони евра. Доколку не се платат долговите до крајот на годината, вкупниот долг ќе достигне до 60 проценти од целокупниот буџет.

Стојчев вели дека во Фондот за здравствено осигурување знаат за овие притисоци и блокадата од веледрогериите, но и дека долговите секој месец се зголемуваат за 15 до 20 проценти. Тој вели дека се надева дека Фондот ќе изнајде некакво решение иако засега нема никаков одговор од таму.

И покрај тешкотиите, од болницата велат дека не застанале со работењето иако се многу оптоварени со работа поради пренасочувањето на пациентите. Минатата година направиле рекордни 47.000 снимања на рендген и КТМ, а скапите контрасни средства, стабилизаторите и одржувањето на апаратите уште повеќе ги зголемуваат трошоците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top