По објавувањето на информациите дека на крајот од сезоната од шампионскиот тим на РК Вардар ќе си заминат столбовите на играта, Матјаж Брумен и Алем Тоскиќ, денеска стигнува информација дека левиот бек Сергеј Горбок побарал предвремен раскин на договорот.
Од управата на клубот стигна потврда и со тоа „бомбардерот“ Горбок ќе си бара нов клуб од следната сезона.
– Задоволство ни е што овие две сезони го имаме Сергеј Горбок како дел од тимот. Со својата посветеност и преданост покажа голема професионалност, и во моменти на радост и на тага. Клубот му заблагодарува за неговиот досегашен придонесе, му излезе во пресрет на барањето, и му посакуваме успех во натамошната кариера во иднина. Верувам дека и сезонава заедно ќе се радуваме на уште доста успеси – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на РК Вардар, за официјалниот клупски сајт.
На барање на Горбок, договорот ќе му биде спогодбено раскинат, и откако ќе ја одработи оваа натпреварувачка во јуни 2016 година ќе биде слободен играч. Тој инаку имаше потпишано за Вардар до јуни 2017 година. Од 2014 година Сергеј Горбок настапува за Вардар, и заедно со екипата играше во четврт-финалето на Лигата на шампионите, ја освои двојната круна во домашното првенство, а играше и на Ф4 турнирот во СЕХА лигата.
Со заминувањето на Брумен, Тоскиќ и Горбок, екипата на Вардар осетно ќе биде ослабена, но се очекува нов потег од сопственикот Сергеј Самсоненко и доведување на уште поголеми ракометни имиња во „црвено-црниот“ состав.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.