| четврток, 6 декември 2018 |

Абутовиќ: Без резерви, со сите сили против Нант

Единствените две непоразени екипи во групата А на почетокот од Лигата на шампионите, европскиот првак Вардар и тимот на најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, Нант, ќе се соочат попладнево (17:30 часот), во СЦ „Јане Сандански“. Францускиот тим премиерно е дел од најсилното европско клупско натпреварување и ќе биде првиот кој ќе го предизвика бранителот на титулата во скопскиот „пекол“.

-За нас, исклучително е важно да ја започнеме сезоната на домашен терен со победа. Најдоброто од нас треба да го дадеме пред нашата публика, која верувам дека ќе ја наполни салата и ќе ни даде поддршка. Полните трибини се она што дополнително нѐ крева и нѐ мотивира на сите натпревари, потенцира десното крило на Вардар, Даниел Шишкарев, и продолжува: „Нант е многу сериозен противник, има многу добри играчи, особено во нападот, добар голман. Затоа е потребно да бидеме концентрирани од првата до последната минута и со оглед на тоа дека двата тима имаат сличен систем на игра, сметам дека оној што ќе направи помалку грешки, ќе излезе како победник. Верувам во победа, секогаш кога играме дома, имаме само еден исход во мислите – триумф“.
И главниот вардаров дефанзивец, Илија Абутовиќ, е оптимист, иако потенцира дека ги чека тешка задача.

-Ни претстои тежок натпревар. Нант е добра екипа, има одличен тим и е тврд, незгоден противник, кој игра брз ракомет. Имаат слична игра како нашата, добра одбрана, голманот им е во одлична форма, многу трчаат, имаат добри крила, полуконтра… Мора да бидеме внимателни и концентрирани.
Очекуваме полна сала и нема дилеми и калкулации, се игра без резерва. На натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен мора да се победи, дециден е столбот на одбраната.

преземено од Македонски спрот

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top