| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа-Милевска на саем го промовираше проектот „Врвови на светската филозофија, историја и психологија“

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска на штандот на Министерството на Саемот на книгата го презентираше новиот проект „Врвови на светската психологија, историја и психологија со психоанализа“.

– Едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ претставува потфат од исклучително културно, научно и општествено значење. Преку овој проект нашата култура во своето ткиво ќе ги вгради суштествените и интелектуални придобивки на цивилизацискиот круг во чии рамки опстојува низ милениумите, прифаќаќи ги како најдрагоцени траги од минатото и најсуптилни  патокази за правците на идното колективно дејствување. Македонските граѓани преку оваа едиција ќе добијат можност да ја користат богатата продукција за дела кои извршиле пресудно влијание врз развојот на филозофската мисла, во секој од главните периоди на нејзиниот развој, античкиот, средновековниот, нововековниот и современиот период – напомена Канческа-Милевска.

Канческа-Милевска напомена дека овој проект е заедничка заложба на Владата на Република Македонија, Министерството за култура и Филозофскиот факултет.

– Едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ е заедничка заложба на Владата на Република Македонија, Министерството за култура и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, која беше материјализирана со изработка на проектна програма во која се застапени 342 книги, од кои 106 книги се од областа на филозофијата, 127 од областа на историјата и 109 книги се од областа на психологијата со психоанализа – информираше министерката.

Таа напомена дека во проектната програма се имплементирани и стручни мислења и сугестии на реномирани универзитети од светот. Оваа едиција била доставена до голем број реномирани светски универзитети, од каде што се добиени сугестии за нови 44 наслови.

Како што информираше министерката, овој проект наскоро ќе почне да се реализира и заедно со насловите предложени од професорите на реномираните факултети тој ќе опфаќа вкупно 386 книги.

– Верувам дека оваа едиција ќе има и повеќекратна и повеќеслојна корист како за пошироката читачка јавност така и за учениците во средните училишта, но и за студентите, постдипломците и докторантите на Филозофскиот факултет и другите сродни факултети од хуманистичките науки – посочи Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top