Изложбата на фотографии ќе се одржи на 07.12.2015 со почеток во 20 часот, во кафе – книжарница Децата од нашата улица.
Зоица Пуровска Велевска е примабалерина на Македонската опера и балет која на достоен начин ја продолжи светлата традиција на втемелувачите на балетската уметност во Македонија од првата генерација балетски уметници (Натка Пенушлиска – Митровска, Олга Милосавлева, Елпида Паковска, Јелица Поповска, Јагода Сланева) до генерациите што следуваа подоцна како исклучително духовно посветен балетски уметник.
Родена е во1956 година во Скопје. Има завршено средно балетско училиште во класата на проф. Елисавета Кушовска која е најзначајната фигура во нејзиното професионално формирање. Подоцна го надградува своето знаење со едногодишната специјализација во колевката на балетската уметност, Москва, Русија. Се вработува во МОБ и му останува верна на колективот цели 25 години со својата студиозност, интерпретација, страст и емоционалност во танцот, перфекционизам и бескрајна љубов во професијата.
Името на Зоја го краси блескава национална и интернационална кариера и е добитник на низа награди меѓу кои највисоките државни признанија на Р. Македонија: наградата „11 Октомври“ за животно дело и наградата „13 Ноември“ на град Скопје.
Остварени улоги во балетските претстави: Мехмене Бану во „Легенда за љубовта“(златна плакета во Љубљана и награда за најдобра примабалерина на Балканот), Китри во „Дон Кихот“, Јулија во „Ромео и Јулија“, Одета-Одилија во „Лебедово езеро“, Лиза во „Ѓаволеста девојка“, Медора во „Корсар“, Егина во „Спартак“, Жизел во „Жизел“, Баханалка во „Валпургиска ноќ“, Зарема во „Бахчисарајска фонтана“, Биљана во „Охридска легенда“ Калиопа во „Соѕвездието на Конески“ и мн. други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


